Денот на високи гости на воената вежба „Одлучен удар“ на полигонот Криволак, 31 мај 2021. Фото: Кабинет на претседател на РСМ и Собрание на РСМ

Пред врвот на државата, предводен од претседателот Стево Пендаровски како врховен командант на армијата, потоа министри и пратеници, како и дипломатскиот кор во земјава, денеска на полигонот Криволак, на Денот на високи гости на воената вежба „Одлучен удар“ беа презентирани офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од Армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ и борбени авиони Ф-16 од вооружените сили на Грција.

Претседателот Пендаровски порача дека со вежбата уште еднаш земјава ја докажува својата подготвеност и интероперабилност со НАТО и ја потврдува довербата што сојузниците ја имаат во Северна Македонија како членка на НАТО.

Ова е првата голема воена вежба што земјава ја организира како полноправна членка на северноатлантскиот сојуз.

„Денеска успешно ја заокруживме вежбата „Олдлучен удар 21“ која е прва наша вежба од ваков профил и карактер откако станавме членка на НАТО Алијансата. Оваа вежба е дел од „Defender Europe 21“, најголемата НАТО вежба во Европа годинава, предводена од Армијата на Соединетите Американски Држави. Ние во неа учествуваме во двојно својство, и како домаќин на армискиот полигон Криволак и преку припадниците на нашата армија. Таквиот тип на наше учество е резултат на високата доверба што сојузниците ја имаат кон нас, кон нашата армија и кон нејзините воени инсталации.

Првиот голем тест го положивме. Затоа како држава, ќе продолжиме со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак, кој повеќе не е само наш воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанса.

Сакам да им честитам на сите учесници на оваа голема воена вежба. Во изминатите две недели имавте одлична можност да ја проверите интероперабилноста со неколку НАТО држави. Неспорно е дека покажавте капацитет и способност за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии“, порача претседателот Пендаровски.

Вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот „Криволак“ е дел од најголемата НАТО вежба „Defender Europe21“ која годинава се одвива во Европа. Во „Одлучен удар 21“ учествуваат 1.500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија. Вежбата започна на 17 мај и ќе трае до 2 јуни. Целта на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и извежбување на Лесниот пешадиски баталјон со сојузничките армии како и зајакнување на соработката на конвенционалните и специјалните сојузнички сили.