Пајо Паторот наполни 90 години

Оригиналното име на Пајо Паторот е Доналд Дак, а на просторите на бивша Југославија името Паја Патак му го дале во редакцијата на белградскиот весник „Политика“

Германски стрипови со Пајо Паторот од јуни 2024. г., меѓу кои се одбележуваат актуелности како Европското првенство во фудбал и неговата 90-годишнина. Фото: Мета.мк.

Јуни е месец кога компанијата Дизни и нејзините поклоници традиционално ја одбележуваат годишнината на Пајо Паторот, а во 2024 година  станува збор за голем јубилеј: 90 години од првиот цртан филм со него – „Мудрата мала кокошка“ (The Wise Little Hen) од 1934 г.

Оригиналното име на Пајо Паторот е Доналд Дак, а на просторите на бивша Југославија името Паја Патак му го дале во редакцијата на белградскиот весник „Политика“ во која за прв пат се објавувани стрипови со него пред 1940 година. Наводно „кумот“ бил тогаш младиот новинар Павле Токин.

Иако Пајо ја започнал „кариерата“ како епизоден лик во цртаните филмови со Мики Маус, во текот на годините неговата популарност била толку голема што се смета за Дизниев лик со најголем број појавувања во цртани филмови. Според податоци од IMDB, Пајо „го шие“ Мики со 197 наспроти 167 филмови.

Во 1949 година во цртаниот филм „Среќниот роденден на Пајо“ (Donald Duck’s Happy Birthday) како роденден на Пајо е наведен 13 март, но подоцна Дизни го смениле официјалниот датум на 9 јуни.

По повод 90-годишнината, Дизни објави специјално видео во кое прикажува инсерти од разни филмови со Пајо преку кои се гледа графичката еволуција на ликот.

Многу брзо, во четириесеттите  години на XX век, преку низа  различни цртани филмови и стрипови околу Пајо е развиен цел универзум на Патковград, со галерија на ликови кои ја сочинуваат неговите роднини како трите внуци и вујкото Бајо, како и низа други како верверичките Чип и Дејл (или Тик и Так).

Лиценцирањето на стриповите во Европа, особено во Италија, Германија и Данска, довело до развој на уште повеќе ликови и приказни во тој свет, меѓу кои и со Суперпајо, пародија на Бетмен.

Во сите случаи, Пајо останува многу несовршена, несмасна, секојдневна личност „со краток фитил“ која лесно се нервира и за големи и за мали работи, што го прави близок на неговата публика.

Според една урбана легенда, токму тоа што Пајо му бил омилен стрип јунак на Јосип Броз Тито, овозможило дозвола за враќање на стрипот во југословенското издаваштво по Втората светска војна и период на сталинистичка цензура.