Отворен повик за волонтирање на седмиот книжевен фестивал „Друга приказна“

Фото: Книжевен фестивал „Друга приказна“

Книжевниот фестивал „Друга приказна“ отвора повик за волонтирање наменет за сите млади љубители на книжевноста и културата.

Станува збор за седмото издание на книжевниот фестивал чија годинешна тема е „Нова писменост“. Фестивалот годинава ќе обедини 30-тина врвни книжевни имиња од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора.

„Потребни ни се ентузијастични, љубопитни и ажурни волонтер(к)и кои сакаат подобро да ја запознаат и да се вклучат во книжевната и културната сцена во Скопје и да се подружат со писател(к)и, критичар(к)и, уредници, уметници и теоретичар(к)и од земјава и регионот. Претходно волонтерско искуство е предност, но не е неопходно. Волонтер(к)ите ќе имаат можност да се запознаат со процесот на подготовка и реализација на фестивалот, а во зависност од своите знаења и интереси ќе можат да помогнат во различни сегменти од организацијата на настаните, во комуникацијата со гостите, да учествуваат во создавањето медиумски и други текстуални содржини“, пишува во повикот.

Скопскиот книжевен фестивал е во организација на издавачката куќа „Темплум“ и истиот ќе се одржи на 26, 27 и 28 август, а рокот за пријавување на волонтерите е 12 август.

Сите заинтересирани за волонтирање може да се обратат на е-адресата [email protected] и притоа да ги наведат своето име и презиме и телефон за контакт.

Фестивалот има предвидено покривање дневница за волонтерите.