
Вработените во „Аустриан Ерлајнс“ денеска, четврток и утре, петок (28 и 29 март) штрајкуваат поради несогласувања околу платите, што резултираше со откажување на околу 400 летови, што, пак, ќе засегне 50.000 патници.
Поради ова, откажани се 24 летови од Виена до градовите во земјите од регионот што требаше да се реализираат овие два дена, објави интернет-страницата „exyuaviation.com“.
Откажани се шест лета до Белград, по четири до Сараево и Загреб, по три до Приштина и Скопје, два до Подгорица и по еден до Дубровник и Сплит.
Ниту утре нема да се реализира единствената авиолинија на овој превозник до Скопје (OS777).
На интернет-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје за денеска и утре не се наведени ниту едно полетување и слетување кон и од Виена.