Основачот на „БајтДенс“, во чија сопственост е ТикТок, се повлекува од местото извршен директор

ТикТок БајтДенс
Илустрација: Alexander Shatov на Unsplash

Извршниот директор на „БајтДенс“, Жанг Јиминг, објави дека се повлекува од улогата да ја предводи компанијата, чиј успех со ТикТок доведе до тоа да стане највредниот стартап во светот, пренесува „The Verge“.

Јиминг, кој ја основа „БајтДенс“ во 2012 година, сега ќе се пресели на друга позиција во компанијата, додека на негово место за нов извршен директор ќе биде поставен ко-основачот Лианг Рубо.

Во писмото што компанијата го објави во јавноста, Јиминг вели дека се чувствува поефективен во друга улога, а не како предводник на „БајтДенс“.

„Загрижен сум дека сѐ уште премногу се потпирам на идеите кои ги имав пред да ја започнам компанијата и не сум се предизвикал да ги ажурирам тие концепти“, стои, меѓу другото, во писмото на актуелниот извршен директор на „БајтДенс“.

Понтаму, Жанг пишува дека смета оти му недостасуваат некои вештини кои би го направиле идеален менаџер, дека не е многу социјален, претпочита осамени активности и мисли оти некој друг може подобро да напредува низ областите како дневното управување со компанијата.

Новиот извршен директор го опиша како „непроценлив партнер“.  Транзицијата и предавањето на позицијата прв човек на „БајтДенс“ ќе се случи во текот на наредните шест месеци.

Овие промени најавуваат многу новости во корпоративното раководство на кинеската компанија во чие сопствеништво е и платформата ТикТок.

Веќе е познато  дека нов извршен директор на ТикТок ќе биде поранешниот директор на финансии во „Шаоми“ (Xiaomi) , Чу Шоузи. Тој доаѓа на местото на досегашната привремена директорка Ванеса Папас, која, пак, го замени поранешниот извршен директор на „Дизни“, Кевин Мајер, откако тој ја напушти оваа улога за помалку од четири месеци од неговиот мандат. Неговата одлука дојде среде политичките тешкотии кои социјалната мрежа за кратки видеа ги имаше во САД и обидите на администрацијата на Доналд Трамп да ја забрани апликацијата.