Растечкиот степен на семејно насилство како последица на мерките за самоизолација кои се преземаат за справување со пандемијата на КОВИД-19, беше повод за денешниот виртуелен состанок на тема: „Зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа за справување со семејно насилство во услови на пандемија“. Иницијативата за состанокот ја покренаа УНДП, ЗЕЛС, UN Women, а на него учествуваа над 30 учесници и претставници од над 15 општини, како и од Министерството за труд и социјална политика.

Според Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во период на ограничено движење и намален пристап до сервиси за поддршка на жртви на семејно насилство, локалната самоуправа е клучна во процесот на обезбедување на помош за жртвите и на навремени информации за пријавување на насилството. Па, со цел да зајакнат капацитетите на локалната самоуправа во случаите на семејно насилство, беа идентификувани активности и мерки во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

„Заклучоците се: да се обезбеди споделување на информации со општините за пријавување семејно насилство, информирање на граѓаните преку веб страни и социјалните медиуми, како и споделување со најранливите категории граѓани, потреба од подобра координација и соработка за што поуспешно справување со родово базирано насилство на локално ниво, зајакнување на капацитетите на општините, како и засилена кампања за пријавување на случаи и поддршка на потенцијалните жртви, а според потребите, и обуки за општински кадри за случаи на семејно и родово базирано насилство“, се вели во соопштението на УНДП.

Јована Тренчевска, државен секретар при Министерството за труд и социјална политика, истакна дека: „Жртвите на семејно насилство можат да се јават на Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство, која обезбедува 24 часовна поддршка. Ова е еден од 18 државни сервиси достапни за жртвите“. Тренчевска и додаде дека, во случаи кога има сознание за семејно насилство, тоа да се пријави во полициска станица или центар за социјална работа, независно дали е полициски час.

Според Антонио Гутереш, Генералниот секретар на ОН, КОВИД-19 предизвикува негативни економски и социјални ефекти, штои заедно со ограничувањето на движењето и физичка изолација доведува до зголемување на ризикот од родово  насилство. Многу потенцијални жртви се принудени да бидат „затворени“ заедно со насилниците, додека истовремено е намалена достапноста на услугите за нивна поддршка.

Во време на корона кризата стапката на семејното насилство расте во повеќе земји од светот. За 30 отсто во Франција и Кипар, за 32 отсто во Сингапур, а се бележи раст и во Канада, Германија, Шпанија, САД и Велика Британија.

„За жал, истото се случува и во нашата земја, иако бројот на пријави не бележи зголемување, има наводи дека бројката на кривични пријави е зголемена како и на поплаките поврзани со семејно насилство. Добрите практики во справување со овој зголемен ризик се, засилени превентивни мерки, зголемени капацитети на засолништа, определување на безбедни места за жртвите, засилување на онлајн услуги и кампањи за јакнење на свесноста за овој проблем, особено кај мажите“, стои во информацијата од состанокот.