Охрид СОС покрена иницијатива за заштита на објектот на ресторан „Парк“ и негово прогласување за споменик на културата

Илустративна просторно-архитектонска анализа на ресторан „Парк“ Охрид „Зошто вреди?“ Изработил: Дарко Ангелески М.И.А

Граѓанската организација Охрид СОС покрена иницијатива со која бара објектот ресторан-дискотека „Парк“ да биде ставен под привремена заштита во согласност со член 39 од Законот за заштита на културното наследство. Во рокот од истиот член 39 став (3) во кој е предвидено да трае привремената заштита „една година за друго недвижно добро, сметано од денот на донесувањето на решението“, активистите бараат да се изработи Елаборат за валоризација на недвижното добро и да се почне постапката за негово прогласување за културно наследство.

„Воедно, препорачуваме Владата да го откупи овој објект од моменталните сопственици и да го пренамени, по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители, за што тој е повеќе од соодветен“ потенцираат од Охрид СОС.

Според нив, како резултат на неповолна затекната урбанистичка документација која го штити приватниот интерес на штета на јавното добро, како и моменталниот недостиг од правна заштита на споменикот, овозможена е негова неповратна загуба, и покрај јасно изнесениот став на јавноста која е против негово рушење со цел изградба на хотел.

„Јасно е дека рушењето на овој објект за да се изгради здание со неколкукратно поголем габарит непосредно на самиот брег на Охридското Езеро, односно вклучително дури и во заштитниот појас од 50м од највисокиот водостој, драстично ќе ги влоши изгледите Охридскиот Регион да остане на листата на светско наследство на УНЕСКО, што декларативно е една од основните заложби на Владата на Македонија“ велат активистите.

Активистите потенцираат дека објектот „Парк“, дело на прочуениот охридски архитект Павел Балабанов, претставува исклучително значаен и редок пример на современа архитектура од втората половина на XX век, чии вредности како од обликовно-естетски, така и од статичко-конструктивен аспект, се несомнени, што се потврдува со специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година.

Иницијативата е доставена до Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, Канцеларијата на претседателот на владата и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Претходно, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески потврди дека на просторот од 4.525 метри квадратни на ресторанот „Парк“ во Охрид, градежната фирма „Ремис“ како инвеститор, ќе гради нов хотел. Издадено е одобрение за градба за хотелски комплекс, приземје, три ката и поткровје во јуни 2018 година, при што се запазени сите тогашни важечки законски процедури и постапки. Одобрението е правосилно и согласно тоа одобрение, таму може да се гради.