fbpx

Одложено првото судско рочиште од повторното судење за пожарот во тетовската болница каде изгореа 14 лица

Рочиштето е одложено бидејќи немало претставник од тетовската болница. Следното е закажано на 25 септември, пишува Порталб.мк

-

Во Судот во Тетово денеска требаше да почне повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово, за што одлучи Апелациониот суд во Гостивар, според кој пресудата на Судот во Тетово била нејасна. Но рочиштето е одложено бидејќи немало претставник од тетовската болница, пишува Порталб.мк.

Следното рочиште е закажано за 25 септември 2024 година, со кое ќе претседава судијата Јордан Велковски.

„Не би додал ништо освен тоа што досега сум го кажал за овој судски процес, само би ве замолил да продолжите професионално како досега да го следите процесот и да ја видите одлуката на Апелациониот суд во која се сите наши тврдења беа потврдени во оваа одлука“, изјави Флорин Бесими, еден од обвинетит.

Овој пат на обвинителна клупа седнати се поранешните директори на тетовска болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и тетовската болница како правен субјект. Лекарот Бобан Вучевски беше ослободен од обвиненијата.

Зошто дојде до повторно судење?

По првото судење во Судот во Тетово, кое заврши во јуни 2023 година, на кое на обвинети беа поранешниот медицински директор на тетовската болница и поранешниот економски директор, лекарот одговорен за „Ковид“ центарот и тетовската болница, Апелациониот суд во Гостивар во мај 2024 година одлучил да ја врати од почеток постапката против директорите, бидејќи првата пресуда била нејасна.

Обвинителството побарало на директорите да им се дадат построги казни, а ослободителната пресуда за докторот да се укине и предметот да се врати на повторно судење.

На повторно судење се враќа дел од предметот против двајцата поранешни директори на тетовската болница. А, ослободителната пресуда за лекарот Бобан Вучевски ја потврди и Апелациониот суд во Гостивар.

Од Апелациониот суд во пресудата потенцирале дека Судот во Тетово „не постапил со соодветно внимание за да може со сигурност да ги докаже сите релевантни правни факти“.

„Пресудата е нејасна, неразбирлива и несоодветна за разгледување“, се вели во пресудата на Апелациониот суд.

Првото судење не беше за причините за пожарот

За пожарот во модуларната болница имаше судски процес со повеќе рочишта, но никој не беше повикан на одговорност за причините за пожарот, туку за други кривични
дела.

Поранешниот медицински директор на тетовската болница и поранешниот економски директор добија условна казна затвор од 1 година и 6 месеци, што значи дека нема да ја отслужат доколку во рок од 3 години не сторат ново кривично дело. Лекарот задолжен за „Ковид“ центарот беше ослободен од обвиненијата. Тетовската болница доби парична казна од 1 милион денари.

На директорите им се изрече казна од прв степен затоа што во модуларната болница немало противпожарни апарати, а докторот бил ослободен од одговорност бидејќи во болницата за Ковид-19 дозволил да влезат лица од надвор.

Обвинителството поднесе обвинителен акт бидејќи немало противпожарни апарати, но не и за причините за пожарот. За неподнесувањето на одговорност за причините за пожарот, Порталб.мк известуваше континуирано.

Ништо ново од Обвинителството за организиран криминал и корупција

Сè уште нема одлука од Јавното обвинителство за втората истрага што се спроведува за пожарот во модуларната болница иако поминаа десет месеци откако во август 2023 година изјавија дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води друга истрага за оваа трагедија. Според Обвинителството, овој предмет е во фаза пред донесување на одлука.

Документарецот на ИРЛ ги извади на површина неправилностите

Документарниот филм „Убиство во Тетово“, кој ИРЛ го објави во август 2023 година, укажува на низа пропусти при изградбата на модуларната болница што доведоа до пожарот, иако властите се обидоа да го опишат како несреќен случај предизвикан од спој во продолжниот кабел.

Пропусти се констатирани и во техничката спецификација, во изградбата, но и во истрагата. Наместо како објект, болницата е евидентирана како урбана опрема, за што нема потреба да се почитува законот за градба.

Бројни протести за правда

Затоа што правдата е незадоволена во овој случај и по документарниот филм на ИРЛ, членови на семејствата и граѓаните организираа неколку протести. На овие протести беше побарано отворање на судски процес за причините за пожарот, преиспитување на одлуките од прелиминарната истрага на Судот во Тетово.

Членовите на семејствата посочија дека ако случајот заврши на овој начин, тие ќе се обратат и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Што се случи?

На 08.09.2021 година, во тетовската модуларна болница каде што се лекуваа пациенти со Ковид-19 избувна страшен пожар и со себе однесе 14 животи, на пациенти но и на членови на семејствата кои беа внатре. Уште 14 лица беа спасени пред зградата целосно да изгори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.