Одложени јавните расправи во Полошкиот регион за прогласување на Шара за национален парк

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање ги одлага јавните расправи по Нацрт – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, кои беа закажани за 13, 14 и 15 октомври во Тетово, Гостивар, село Неготино и село Теарце.

Од ова министерство на нивната Фејсбук страница објаснуваат дека одлагањето на јавните расправи е поради сериозното зголемување на бројката на заболени лица од ковид-19, како и препораките од Владата да не се прават групирања на луѓе во затворени простории. Тие велат дека има голема заинтересираност за присуство на јавните расправи, така што одржувањето на истите во овие услови е ризично по јавното здравје.

„За начините и времето на консултација на јавноста по однос Нацрт-Законот, Министерство за животна средина и просторно планирање благовремено ќе ја извести јавноста“, информираат од ова министерство.

Јавните расправи се чекор пред официјалното изгласување на законот и фактичката заштита на Шар Планина, како подрачје со исклучителни вредности, ретки и ендемски видови и уникатни екосистеми.