Во третиот квартал од 2020 година, кредитите со одобрен грејс-период согласно со регулаторните измени заради ковид-19 зафаќаат 43,9 отсто од вкупните редовни кредити на нефинансискиот сектор (46 отсто на 30.6.2020 година), покажува новиот извештај на Народната банка за ризиците во банкарскиот сектор. Од аспект на структурата, близу две третини од овие кредити отпаѓаат на физичките лица, а остатокот на претпријатијата.

Анализирано по сектори, кај 53,9 отсто од вкупните кредити на домаќинствата и 32,9 отсто од кредитите нанефинансиските друштва е извршено привремено одложување на отплатата на обврските за кредитот.

„Според одделните продукти на домаќинствата, застапеноста на кредитите со одобрен грејс-период заради ковид-19 е највисоко кај потрошувачките кредити (61,6 отсто), по кои следат станбените кредити и кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки со учества од 47 отсто и 42,2 отсто, соодветно“, се вели во извештајот.

Според одделните дејности на претпријатијата, кредитите со одобрен грејс-период имаат особено високо учество во вкупните кредити на клиентите од „дејностите на здравствена и социјална заштита“ (76,2 отсто), угостителската дејност (70 отсто) и „стручните, научните и техничките дејности“ (60,8 отсто).

Согласно со регулативата, банките имаа можност, заклучно до 30.9.2020 година, да им одобрат на клиентите и втора промена на договорните услови.

„Во септември банките пристапија кон одобрување втор грејс-период, и тоа само на оние клиенти коишто се најпогодени од корона-кризата. Овие кредити учествуваат со 17,7 отсто во вкупните кредити со одобрен грејс-период заради Ковид-19, односно 7,8% од вкупните редовни кредити на нефинансискиот сектор. Претпријатијата бележат најголема застапеност кај кредитите со одобрен втор грејс-период, со оглед на тоа дека кај корпоративните кредити, првиот грејс-период беше најчесто одобруван на пократки рокови (обично три месеци), по што кај дел од корпоративните кредити следеше одобрување по вторпат на нов грејс-период (претежно со времетраење исто така од тримесеци). Така, кај претпријатијата, кредитите со временото одложување на отплатата по вторпат учествуваат со 33,7 отсто и 11,1 отсто во вкупните кредити со грејс-период заради Ковид-19 и во вкупните корпоративни кредити, соодветно“, информираат од Народната банка.

Исто така, овие кредити се половина (50,9 отсто) од кредитите на кои им било одобрено првото олеснување.

Кај домаќинствата, кредитите со временото одложување на отплатата по вторпат се значително помали и учествуваат со 8,8 отсто и 4,8 отсто во вкупните кредити со грејс-период заради Ковид-19 и во вкупните кредити на домаќинства, соодветно, а претставуваат 9,7 отсто од кредитите на домаќинствата со „прв“ грејспериод.

„Помалото присуство на кредитите со одобрен втор грејс-период кај домаќинствата може да се поврзе со тоа што кај физичките лица првиот грејс-период најчесто беше одобруван на шест месеци. Кредитите со одобрен грејс-период, особено оние со одобрен втор грејс-период, претставуваат потенцијален извор на нови нефункционални кредити, поради неизвесноста дали по истекот на грејспериодот овие клиенти ќе бидат во можност да вршат редовна отплата на кредитите. Ефектот од можната ненаплата индикативно се согледува преку показателите за квалитетот на кредитите со одобрен грејс-период заради Ковид-19, за кои основниот услов беше да имаат редовен статус за да може банката да им одобри грејс-период“, се вели во извештајот на Народната банка.

Во него се додава дека и покрај добриот квалитет и ниското остварување на кредитниот ризик од изложеноста на банките кон домаќинствата, одредени структурни карактеристики на ова кредитно портфолио можат да бидат потенцијални извори на нови нефункционални кредити.

„Потенцијален извор на влошување на квалитетот на портфолиото на домаќинствата е натамошниот раст на задолженоста на постојните кредитокорисници“, укажуваат од НБМ.