Од 1 до 5 септември втор рок за пријавување за субвенциониран студентски оброк

Студентите од втора и од повисоките години, кои го пропуштиле првиот рок за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023-2024 година, можат да поднесат пријава од 1 до 5 септември

Илустрација: Мета.мк

Студентите од втора и од повисоките години, кои го пропуштиле првиот рок за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023-2024 година, можат да поднесат пријава од 1 до 5 септември, информираат од Министерството за образование и наука.

„Пријавувањето се врши преку порталот е-услуги, а по завршувањето на рокот за пријавување, кандидатите ќе добијат известување. Потоа, од Шпаркасе банка, како банка со која Министерството за образование и наука склучи нефинансиски договор за реализација на мерката, ќе бидат повикани да склучат договор за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка преку која единствено ќе можат да ги користат средствата“, велат од Министерството.

Аплицирањето за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар ќе трае од 27 септември до 2 октомври.

Финансиската поддршка за субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно и е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.