Од понеделник субвенционираниот студентски оброк ќе се исплаќа на неделна основа

Секој корисник на субвенциониран оброк овој петок ќе добие средства во износ од 280 денари – за двата преостанати дена од седмицата (петок и сабота), додека од понедленик на сметка ќе добива по 840 денари - средства наменети за користење во текот на целата седмица

Илустрација: Мета.мк

Од 1 март се менува начинот на кој се исплаќа субвенционираниот студентски оброк.

Наместо на дневна основа, од понеделник паричните средства за оваа мерка ќе се исплаќаат одеднаш за шест дена во неделата, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Ваквите новини се предвидени со последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, направени на барање на студентските организации и здруженија, велат од МОН, а се во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка

Почнувајќи од следната седмица, секој студент кој го остварил правото на субвенциониран студентски оброк на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно намирници за прехрана и овие средства ќе можат да се искористат од понеделник до сабота.

На овој начин, велат од МОН, се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа.

Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува на сила од 1 март, секој корисник на субвенциониран оброк овој петок ќе добие средства во износ од 280 денари – за двата преостанати дена од седмицата.

Во меѓувреме, нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Рокот за пријавување на студентите кои досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите, е од први до петти секој нареден месец преку порталот „е-услуги“ на МОН.