Објавен е конкурсот за стипендии за студенти што ќе се запишат на најдобрите 100 универзитети во светот

Избраните кандидати, меѓу другото, се обврзуваат дека доколку ја добијат стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работат две години во Република Северна Македонија

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) го објави конкурсот со кој за академската 2023/2024 година ќе додели стипендии за студенти што ќе се запишат на стоте најдобри универзитети во светот.

Станува збор за седум стипендии за додипломски студии од прв циклус во прва година од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката на еден од првите сто рангирани универзитети согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.

Право на стипендија имаат кандидати кои исполнуваат неколку услови, меѓу кои да имаат завршено соодветно средно образование со просечна оцена 5.00 од сите предмети, да се примени на додипломски студии за првпат во прва година на еден од првите 100 рангирани универзитети на Шангајската листа од наведените области, да не се корисници на друга стипендија и да имаат доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата.

На оние студенти што ќе ја добијат стипендијата ќе им бидат надоместени трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, исплатени во соодветна валута, еден авионски билет на почетокот на студиите и еден по завршувањето на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија ќе се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство.

Избраните кандидати, меѓу другото, се обврзуваат дека доколку ја добијат стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работат две години во Република Северна Македонија. По завршувањето на студиите и враќањето во земјава, студентот е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи при што работната позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации.

Доколку во период од шест месеци на кандидатите не им е понудено соодветно вработување во органите на државната управа, државните високообразовни или научни установи, тие може да бараат вработување во приватниот сектор во земјава.

Кандидатите можат да бидат ослободени од обврската да се вратат во земјава по завршувањето на студиите во странство само доколку во рок од три месеци по дипломирањето се вработат во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи кандидатите може да останат во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што се обврзани да се вратат во Република Северна Македонија и да ја одработат обврската, се вели во конкурсот.

Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во Република Северна Македонија и не ја исполни оваа обврска, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десетпати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

Рокот за аплицирање за користење на овие стипендии истекува на 31 август годинава.

Кандидатите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на страницата е-услуги на МОН, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, може да пополнат хартиена пријава и да ја достават потребната документација во МОН на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје.

Повеќе информации, како и потребните документи за аплицирање за овие стипендии можат да се најдат на овој линк.