fbpx

Новинарите даруваа крв во чест на Денот на слободата на медиумите

И покрај тоа што 30 години се посветува внимание на слободата на медиумите, таа е нападната и сè уште е загрозена. Северна Македонија бележи напредок и стана најдобра во регионот, но бројни забелешки сè уште се нотирани од Репортери без граници

-

Пишува: Теофил Блажевски

Во услови кога борбата за слобода на медиумите сè уште трае и додека тој процес е со променлива крива падни-стани и кај нас, без оглед на најновото позитивно рангирање од страна на Репортери без граници, новинарите од земјава преку хуманитарна крводарителска акција го одбележуваат 3 Mај, Светскиот ден на слободата на медиумите.

На повик на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), се приклучија и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), евроамбасадорот Дејвид Гир, кој, исто така, даруваше крв, како и други граѓани, а настанот се одвиваше во Домот на хуманитарните здруженија „Даре Џамбаз“, во содејство со Црвениот крст на Северна Македонија.

Овогодинешното одбележување на 3 Мај се одвива во ситуација кога бројни медиуми во земјава сè уште се под закана за својот економски опстанок, кога други новинари и медиуми се соочуваат со вербални притисоци и исмевања или игнорантски однос од дел од владините претставници, но и од други политичари од опозицијата или делови од бизнис елити. Сето тоа го наведе во своето кратко обраќање и претседателот на ССНМ, Павле Беловски:

Се приклучуваме на повикот на ИФЈ за итно усвојување на обврзувачки меѓународен инструмент кој ќе ја засили слободата на медиумите, кој ќе ги натера владите да ги истражуваат и да одговорат соодветно на сите напади врз медиумите. 

Ниту ние тука, не сме имуни на предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумите низ целиот свет. За среќа не бележиме новинари во затвор, но нападите врз новинарите и медиумските работници се уште се загрижувачки, а особено е опасен трендот на зголемување на бројот на онлајн напади и заплашувања и тоа спрема новинарките. Конечно, оваа година бевме сведоци на усвојувањето на измените на Кривичниот законик со кои напад врз новинар се третира како напад врз службено лице во делот на обвинителството, но сметаме дека кај институциите уште има простор за подобрување – рече Беловски.

Фото: Вистиномер

Порака со слична содржина упати и претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, кој и претходно во интервју за МИА меѓу другото изјави:

Здружението на новинари на Македонија повеќе од две години ги бараа овие измени, со цел да се обезбеди поголема системска заштита на медиумските работници. Измените предвидуваат неколку клучни новини кои се многу важни за заштита на новинарите и на медиумските работници, за кои ЗНМ претходно изработи и објави и компаративни искуства од регионот, а кои се однесуваат на законските одредби за делата убиство, присилба и загрозување на сигурноста. Она што е важно за во иднина е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени со цел конечно правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите – изјави Чадиковски

Крв даруваа новинар, други граѓани, но и амбасадорот Гир. Фото: „Вистиномер“

Репортери без граници: „Новинарите не работат во непријателско опкружување, но…“

Во најновиот извештај на „Репортери без граници“ од каде секоја година извршуваат рангирање на медиумските слободи во светот, С. Македонија е рангирана втора година по ред како земја која бележи подобрување на медиумските слободи, па во моментов е на 38 место во светот, со напредок од 19 места од рангирањето во 2022 година. Но, остануваат бројни забелешки:

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Продолжува и тенденцијата, владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

Опишувајќи го медиумскиот пејсаж „Репортери без граница“, како што пренесуваат медиумите, наведуваат дека „иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои прават плагијат и копи-пејст на туѓи содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу гледаноста и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

Во извештајот има забелешки и за влијанието на политиката и партиската поделеност во општеството врз медиумите, а од друга страна отсуствува независноста на јавниот сервис:

Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност.

Се нотираат и економските проблеми кои произлегуваат и од неформалната концентрација на медиуми, која законски е забранета, па се констатира дека  редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Во исто време, се констатира дека „државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. А се констатира и трговија со влијание од маркетиншките агенции: Постои трговија на влијание помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи.

И конечно, во однос на безбедноста, „Репортери без граници“ ги констатира трендовите кои се уште не се поволни за новинарите:

Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и тужби за да спречи нивната партиципација во јавноста (SLAPP). Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Назначен е специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја.

Гутереш – Сите слободи произлегуваат од слободата на медиумите

Значајноста на слободата на медиумите и потребата од грижа за таа слобода ја подвлече и Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш:

Овој ден ја истакнува базичната вистина: целата наша слобода зависи од слободата на медиумите. Слободата на медиумите е темел на демократијата и правдата. На сите ни ги дава фактите што ни се потребни за да обликуваме мислења и да и ја кажеме вистината на власта. И како што нè потсетува овогодинешната тема, слободата на печатот го претставува крвотокот на човековите права. Но, во секој агол на светот, слободата на печатот е нападната. Вистината е загрозена од дезинформации и говор на омраза со цел да се заматат границите помеѓу фактите и фикцијата, меѓу науката и заговорот – подвлече Гутереш.

И многу други здруженија и професионални организации поврзани со заштита на медиумите испратија пораки или објавија извештаи по повод Светскиот ден на слобода на медиумите.

Меѓународниот институт за медиуми (International Press Institut), објави извештај во контекст на влијанието на војната во Украина врз новинари и медиуми. Во Извештајот се констатирани близу 1000 повреди на новинарските или медиумските слободи. Од 980-те регистрирани случаи за 59 отсто се одговорни руски извори (власти, институции, параинституции…). Украинските власти и украинската војска се одговорни за 15 проценти од случаите, додека непознати извори стојат зад 26 отсто од прекршувањата се наведува во Извештајот на IPI.

Воедно и ИФЕКС, токму на Светскиот ден на слободата на медиумите, го објави годишниот извешта наречен „Големата слика“ (The Big Picture), во кој се анализира состојбата со слободата на изразувањето ширум светот. ИФЕКС (Ifex.org) вклучува поединци и организации ширум светот заинтересирани за изнаоѓање нови и иновативни размислувања за прашањата и проблемите на планот на слободата на изразувањето, но и за начините за заштита и унапредување на правото за слобода за размислување.

Извештајот е, всушност, збир на споделени „приказни за членови кои работат поединечно и заеднички на значајни правни пресуди, успешни кампањи (…), против ерозијата на граѓанскиот простор и поткопувањето на демократиите“, наведуваат од IFEX.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...