fbpx

Момчето што уби соученици во Белград имало список, план и молотови коктели, уапсен е и неговиот татко

Сум бил на илјадници истраги, ова е нечуено и невидено во српското општество. Според досега собраните податоци, детето долго време го планирало настанот. Убиени се седум девојчиња и едно момче, а на местото на настанот е пронајдено оружје, рече Милиќ

-

Србија прогласи тридневна жалост по вооружениот напад во кој 14-годишен ученик уби осум ученици и чуварот на основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и рани четири момчиња, две девојчиња и наставничка.

Претставникот на Министерството за внатрешни работи на Србија, Веселин Милиќ, на прес- конференција изјави дека ученикот од седмо одделение Коста К., во 8.42 часот самиот повикал полиција и кажал дека пукал во неколку лица.

„Сум бил на илјадници истраги, ова е нечуено и невидено во српското општество. Според досега собраните податоци, детето долго време го планирало настанот. Убиени се седум девојчиња и едно момче, а на местото на настанот е пронајдено оружје“, рече Милиќ, началникот на Полициската управа Белград.

Тој изјави дека осомничениот имал список и дека одредил приоритетни цели. Седмоoдделенецот ја избрал училницата затоа што била во близина на влезот, а неговото одделение таму го имало првиот час.

„Скицата личи на нешто како видео игра и хорор филм, укажува дека детално планирал, по одделение, како да влезе и во која училница и како да ликвидира, кое дете и по кој број“, рече Милиќ, и истакна дека метите биле означени со бројки.

Полицијата соошти и дека е уапсен таткото на момчето, кој го поседувал оружјето.

По трагедијата која го шокираше регионот, а и светот, сите училишта во Белград ја откажаа наставата во попладневната смена. Главниот одбор на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија одлучи од утре да ја прекине работата во сите училишта во Србија, но според српското Министерство за образование од утре наставата ќе започува со едноминутно молчење.

Претседателката на Синдикатот на просветните работници на Србија, Јасна Јанковиќ оцени дека насилството од општеството се прелило во училиштата и дека тие повеќе не се безбедни, пренесе Н1.

Таа рече дека пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар е голема трагедија, без преседан, во Србија.

„Од ова – ако некогаш можеме да научиме нешто – тогаш од ова мора да научиме дека насилството што се случува околу нас се прелеа во училиштата и дека нашите училишта едноставно повеќе не се безбедни. Дефинитивно денеска сфативме дека сето она што го гледавме во филмовите и се прашувавме што се случува во другите земји, се случи во нашата земја – денес стануваме вест“, рече таа.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ видно потресена на прес-конференција изјави дека починале осум деца и еден маж кој работел во училиште во центарот на Белград.

„Со 40 години стаж, ова е можеби моето најстрашно искуство. И како лекар и како човек. Мораме да ги опоравиме ранетите деца“, истакна таа.

Министерката потврди дека две момчиња се сместени на лекување во Универзитетската детска клиника – во Тиршова улица, а дека едно девојче има прострелна рана во главата.

„Направена е операција… Штетата е голема, се борат за нејзиниот живот. Момчето кое има повреда на ногата моментално е во ортопедската соба а момчето кое е застрелано низ градниот кош ивратот има повреда на рбетот, 5-ти и 6-ти вратен пршлен и тој е најтешко повреден, операцијата се уште е во тек, направени се и некои дополнителни снимања, ќе треба да се интервенира. Наставничката која има повреда на карлицата и рацете моментално е во сала и и се обработуваат рацете, згрижена е карлицата и е во животна опасност“, изјави Грујичиќ.

Таа им изрази искрено сочувство на родителите кои утрово ги загубија своите деца.

Осум деца и чуварот се убиени, откако седмоодделенец пукаше во училиште во Белград

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...