Нови дојави за бомби во училиштата, средношколците ќе се вклучат онлајн

Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“ вели дека три дена по ред во исто време стасува дојава со заканувачка содржина

Фото: Архива на Мета.мк

Дојави за бомби испразнија 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп, кои стасале на нивните електронски пошти, потврди Министерството за внатрешни работи. Како што информираат оттаму, по заканата за поставена екплозивна направа, полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање. Директори на училишта со кои поразговара Мета, велат дека за да не се губи настава, учениците продолжуваат да следат онлајн часови од дома.

„Во тек се антитерористички проверки, се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.

Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“ вели дека три дена по ред во исто време стасува дојава со заканувачка содржина.

„Содржината на пораката е секогаш различна, овојпат пишува дека ќе има жртви. Направивме промена во смените, сега учениците во втора и во четврта се попладне, бидејќи до скоро дојавите стасуваат само во нивната смена. Донесовме одлука на наставнички совет, по добиена дојава за бомба учениците и професорите да одат дома и во рок од два часа да се вклучат онлјан и да продолжат со наставата, за да не губат“, вели за Мета.мк директорот Димовски.

Оваа пракса е востановена во училиштето за учениците да не ги губат часовите, туку тие сепак да се одржуваат.

И неговиот колега од „Никола Карев“ Андреј Манолев, вели дека во гимназијата се применува истиот начин на реализирање настава и дека тоа се покажува како добра праска.

„На овој начин децата се згрижени. За да не чекаат надвор и за да нема дополнителни проблеми, одлучивме и учениците и професорите да заминат дома и да продолжат со онлајн часови. Така наставата се одвива редовно. И ние ги променивме смените, сега не стасуваат дојави само во четврта година, туку имаме дојави и додека трета година се на смена, иако не знаеме кога ќе стаса дојава. Со тоа го распоредивме малку отсуството“, вели Манолев.

Дојава за бомба денеска стасала до сите 11 училишта на територија на општина Гази Баба. Градоначалникот Бобан Стефковски информира дека директорите веднаш спровеле протоколи за евакуација на учениците и сите ученици во овој момент се надвор од училишните згради и се на безбедно.

Вчераутро, за прв пат дојава за поставени бомби беше испратена до Претседателот Стево Пендаровски, до Министерството за внатрешни работи (МВР), но и до ТВ Канал 5“ и „360 степени“.

Од 26 октомври лани па наваму, во континуитет училиштата добиваат закани за поставени бомби. Најпрво на удар беа училишта за средно образование, па мејлови почнаа да добиваат и основни училишта, а потоа и трговски центри, станбени згради, хотели. За сите дојави беше утврдено дека се лажни.