Лидерите на четирите најголеми партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и крилото на Беса на Билал Касами денеска повторно седнаа во Клубот на пратениците во Скопје.

Тие ќе се обидат да постигнат договор за претстојниот референдум за промената на името, односно за датумот на неговото одржување, формата на референдумското прашање и изборот на Државната изборна комисија, која треба да го спроведе референдумот.

Ова е трета лидерска средба, првата се одржа минатата среда со учество на сите политички партии, кои во Собранието имаат повеќе од еден пратеник, на што се спротивстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти по околу еден час од нејзиниот почеток и побара потесен состав на состанокот.

Следниот ден се одржа втората лидерска, во скратен формат. По средбата во четвртокот во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами изјавија дека за некои од прашањата за кои се разговарало постојат шанси за приближување на ставовите, додека за некои се далеку од договор.