Иницијативата за гасно поврзување на Централна и на Југоисточна Европа (CESEC)  има цел унапредување на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на регионот.

Тоа ќе се случи по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите земји-членки на ЕУ и на договорните страни на енергетската заедница.

Со неа, практично, ќе се обезбеди снабдување со потребните количества на природен гас на сите потрошувачи во регионот на Централна и на Југоисточна Европа (CESEC), вклучувајќи ја и Македонија.

Ова денеска го истакна министерот Беким Незири на прес-конференција одржана по повод потпишувањето на Меморандумoт за разбирање за заеднички пристап за решавање на диверзификација на природниот гас и предизвиците на безбедноста на снабдување.

Тој објасни дека Македонија во моментот користи природен гас преку единствeната интерконeкција со Бугарија во близина на Крива Паланка.

Со оваа иницијатива, во која се вклучи Македонија со свои проекти, се овозможува регионално поврзување со соседите и користење природен гас од различни извори (Азербејџан, Црно Море / Романија и LNG – терминали во Грција).