„Неусогласеноста на личните чувства со медитивната природа на околината“ – Ликовна колонија Галичник

„Без здив“ (2020), Ана Ивановска, фото: Мета.мк

Вчера официјално беше отворена изложбата за 31 и 32 сесија на манифестацијата „Ликовна колонија Галичник“ во просториите на националната галерија „Мала станица“.

Изложбата е содржана од две сесии кои во фокусот на творење го ставаат одност на човекот кон своето општество, трагот што го остава, сите опасности кои со кои се соочува и неговото постоење во природата како и постоењето на природата во него.

„Природата во човекот и човекот во природата!“-Човечка природа, Жангхонг Лиао, Фото: Мета.мк

Во триесет и првата сесија е претставено коегзистенцијалното релативно поврзување на човекот со природата, но и секој друг вид на коегзистенција која набљудувачот може да ја прочита. Или, подетално во кураторскиот текст стои:

„Коегзистенцијата се однесува на (изгубената) релација помеѓу природата и човекот (секако и самиот Галичник и неговата природа и традиција треба да извршат некакво влијание врз финалниот производ), релацијата или коегзистенцијата на видливиот свет со невидливите опасности (вирусите, пандемиите кои нѐ демнеат), коегзистенцијата на уметноста и обичниот човек или лаикот; умтеноста и политиката, уметноста и екологијата; уметноста и технологијата“.

Учесници во првиот дел од двете сесии се: Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Ненад Тонкин, Тања Ристовска, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска од домашните уметници и Жангхонг Лиао (Кина), Бурим Муфтиу (Косово),Тарлан Лотфижаде (Иран), Франциско Томшик (Уругвај), Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ (Србија), Ивана Радовановиќ (Црна Гора), Рубен Бас (Германија) од странство.

Сите дела се креирани со користење на различни материјали и техники како нови медиуми; видеа и фотографии, видео инсталации и интервенции во простор, дигитални графики, но и дополнителни технички материјали.

Вториот дел или сесија, позната како 32 сесија – Визуелна интрузија била спроведена преку хибриден пристап при што единаесетмина уметници учествувале физички, а четворица онлајн, поради сè уште неизвесната состојба со коронавирусот. Ана Франговска која е куратор на изложбата во концептуалниот текст пишува за овогодинешниот предзнак на колонијата што е во согласност со интересите за сè почестото реагирање на прашањата за екологијата:

Заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во еко-системот, чии последици стануваат сè поочигледни и пореални. Визуелната интрузија т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија и видео.

Во текстот е истакнато дека со користење на уметноста како наједноставен медиум се пренесуваат пораки и ставови до пошироката публика. Моменталната актуелна тема за климатските промени и самитот одржан за изнаоѓање решение се во своршен склоп со темите – поттикнувачи на инспирацијата во 31-та и 32-та сесија.

„Вети ми светла иднина“ (2021), Зоран Георгиев и Зара Александрова, фото: Мета.мк

Учесници во 32-та сесија од странство се: Џозеф ван Калденбург (Холандија), Милка Делибашиќ (Црна Гора), Клица Антониу (Кипар), Магдалена Кучко (Полска), Зара Александрова (Бугарија), Ана Марија Паску (Романија), Ејгул Догруел (Турција), Денис Јагџи (Косово/Македонија) а од нашите автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски, Ивана Ивна Самандова и Зоран Георгиев.

“Alt R”(2021), Јана Јакимовска, фото: Мета.мк

Марина Марковиќ и Јана Јакимовска преку своите дела пренесуваат пораки за она за кое вообичаено останува премолчено и неизречено во целиот процес на бременост. „Како контрапункт на глорификацијата на мајчинството (чиј сјај единствено се насетува во светкавите рамки), уметницата ги изложува премолчаните, безмалку табуизирани телесни аспекти од целиот процес.“, пишува во текстот за инсталацијата.

Ликовната колонија Галичник, основана од Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Со оваа современа форма на промоција на уметноста се овозможуваат квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.

Поставката 31/32 сесија на Ликовната колонија Галичник ќе биде изложена во галеријата до 19 ноември.