fbpx

„Немој тато, немој!“: Децата сведоци или жртви на семејно насилство доживотно ја носат болката

Децата кои се сведоци на семејно насилство се изложени на ризик од краткорочни и долгорочни физички и ментални здравствени проблеми. Секое дете ќе биде различно погодено од траумата предизивкана од семејна злоупотреба и насилство, вели психологот Ана Попризова

-

По 21 година брак, од 1998 до 2019 година, сопругот враќајќи се од кладилница влегува дома и почнува да ја навредува својата сопруга пред очите на нивната 17-годишна ќерка.

„К*рво“, к*рво оди си, к*рво оди си само“, биле дел од зборовите кои тој ги упатувал кон својата сопруга. Почнува да ја турка, да ја удира по грбот со тупаници, ја клоцал, имала огромна модринка во задниот дел од телото и ја стегал за рацете за да ја исфрли надвор.

Нејзината ќерка А. ја бранела со зборовите „тато немој, тато немој“. Таткото излегува од дома и се заканува дека откако ќе се врати ќе ја убие сопругата. Жената вечерта ја минува во собата со двете малолетни деца – 17 годишната ќерка и деветгодишниот син.

Наредниот ден, утрината го пријавува настанот во полиција и оди во болница каде што ѝ се констатирани повреди.

Ова стои во дел од пресудата на Основниот кривичен суд за човек кој е во неговите 50-ти години, а на кој веќе два пати му биле изрекувани мерки за заштита од семејно насилство од страна на Граѓанскиот суд во Скопје.

Но, и покрај мерките, тој продолжува со насилството, непосредно пред разводот. Поради пријавата што ја поднела жената, тој сакал со сила да ги избрка нејзе и децата. Случајот бил пријавен во МВР, а потоа а мажот се симнува да живее на приземје со неговиот татко. Иако жената останува со децата да живее во домот, таа пред судот сведочи дека обвинетиот и неговиот татко им ја исклучувале водата и струјата и тие морале да се греат на шпорет.

За ова дело – телесна повреда, мажот добива затворска казна од шест месеци.

Неговата казна тој ќе ја одлежи, но траумата на нивните деца веројатно ќе ги следи доживотно.

Долгорочни физички и ментални здравствени проблеми кај децата

Во голем дел од судските пресуди за семејно насилство кои подолг период ги анализира Мета.мк, децата се чести сведоци, но и жртви, на хоророт што се случува зад затворените врати во домот. За последиците врз нив, разговаравме со Ана Попризова, гешталт терапевт и училишен психолог.

Децата кои се сведоци на семејно насилство се изложени на ризик од краткорочни и долгорочни физички и ментални здравствени проблеми. Секое дете ќе биде различно погодено од траумата предизивкана од семејна злоупотреба и насилство. Растењето во дом исполнет со насилство има долготрајно штетно влијание врз децата. Децата погодени со семејно насилство, во советодавната работа се третираат како жртви и во случаи кога само едниот родител била жртва, односно кога тие самите не биле присутни или сведоци на чинот на насилство, вели Попризова.

Таа објаснува дека кога се случува насилството во семејството, жртвата станува емотивно недостапна за детето и тоа може да се измачува себеси со чувство на вина, дека тоа на некаков начин придонело за чинот на насилство.

„Од друга страна, родителот кој манифестира насилно однесување, често е помалку присутен во грижата за детето, пораздразлив и со помала контрола во однесувањето, па детото и самото може да е жртва. И двајцата родители на некој начин не се емотивно достапни ниту способни да дадат емоционална, а често и физичка поддршка на детето, па тоа нема сигурна и безбедна основа за раст и развој“, објаснува Попризова.

 

113 лица за една година се пријавиле во Првиот семеен центар на ХЕРА – 36 од нив биле деца

Првиот семеен центар на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА е специјализирано советувалиште кое десет години работи во сферата на семејното и родово базираното насилство. Семејниот центар има холистички пристап против насилството, односно, од една страна се работи на психосоцијална поддршка и помош со жртвите на семејно насилство, како и со децата кои се директни или индиректни жртви, а од друга страна се работи и со сторителите на насилство.

Фото: Лична архива

Во изминатата година во Првиот семеен центар се обратиле 113 лица, од кои 57 жени жртви на семејно насилство, вклучувајќи 36 малолетни деца, и 20 родители и други членови на семејство засегнати од насилство.

„Tоа се 113 лица кои не се чувствувале безбедно и сигурно во сопствениот дом, во своето семејство – место кое треба да обезбеди заштита и поддршка. Семејството, како основна социјална единица, треба да биде извор на сигурност и емоционална стабилност. Сепак, за овие лица, домот наместо да биде прибежиште, станал извор на страв и несигурност, што ги принудило да бараат помош надвор од своето семејно опкружување. Оваа состојба ја потенцира сериозноста на проблемот и потребата од ефективни мерки за поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство“, вели за Мета.мк Стефанија Сердарска од ХЕРА.

Со соодветна помош, мајка и дете спасени од семејното насилство

На почетокот на 2023 година, вознемирена и исплашена, со видливи знаци на физичко насилство, 34-годишна жена со нејзиниот 6-годишен син доаѓа Првиот семеен центар на ХЕРА. Насилството што го трпела жената започнало кратко по стапувањето во брак, кој траел седум години. Толку време жената била жртва на психолошко, физичко и економско насилство од страна на сопругот, каде најчесто сведок било нивното дете.

Сопругот, кој пројавувал љубоморно, посесивно и контролирачко однесување, постојано ја следел и ја распрашувал каде се наоѓа и со кого. Контролата од негова страна се интензивирала, при што сопругот почнал да ѝ ја одзема платата, па била принудена на дневно ниво да бара пари од него.

Со тек на време, физичкото насилство во нивниот дом и заканите од сопругот станале секојдневие, а нејзиното движење било строго ограничено до работа и назад. Во спротивно, тој станувал вербално и физички насилен, а понекогаш и не ѝ дозволувал да влезе дома, доколку задоцни. Нивното малолетно дете често било сведок на насилството. Жената се обидела да го напушти сопругот и со своето дете да замине кај родителите, но по заканите од сопругот дека физички ќе ги повреди нејзините родители, останала во заедничкиот дом. Иако таа се обидела да го пријави насилството во полициската станица, случајот не бил регистриран.

Во Првиот семеен центар, таа веднаш била вклучена во советувалишен процес, кој на почеток се одвивал во рамките на нејзиното работно време, бидејќи движењето ѝ било ограничено, а стравот дека сопругот ќе дознае ѝ било голема закана.

„Првично одбиваше да го пријави насилството во било која институција, стравувајќи дека повторно нема да бидат преземени никакви мерки“, објаснува Сердарска.

По неколку недели од советувањето, жената се охрабрува да ја напушти насилната средина заедно со своето малолетно дете, почнува бракоразводна постапка, и истовремено во придружба на вработена од Првиот семеен центар, се обраќа до Центарот за социјална работа и полицијата и го пријавува насилството.

По заминувањето од заедничкиот дом и поднесувањето на пријавата за семејно насилство, психолошкото, физичкото и економското насилство целосно престануваат, а во соработка со надлежните институции, против сопругот биле изречени мерки за заштита од семејно насилство и била покрената кривична пријава.

Најмалку една година жртвите живеат во страв и исчекување на судски епилози

Патот до епилогот на случаите на семејно насилство, според нашата анализа, покажа дека е долг најмалку една година. Толку време најмалку поминува од почетокот до крајот на еден судски процес, без да се земе предвид времето поминато од пријавување во полициска станица, до процесирање на предметот во Јавното обвинителство, па потоа до судот. За сиот тој период, останува отворено прашањето колку жртвите на семејно насилство, но и децата, остануваат и можат да бидат безбедни и сигурни дека истото нема да се повтори или интензивира.

Впрочем, што сè може да се случи само за само два месеца? Набиеница на лицето и гребаници по лицето, скршеница на левата јаболчна коска, крвен подлив на долната усна, нагмечување на малиот прст на десната шака, крвен подлив на надколеница. Ова, пред очите на нејзиниот малолетен син го доживувала О.М., во три наврати, во периодот од 20.11.2020 година до 05.01.2021 година.

Третиот пат, сопругот ја удрил со рака жената во пределот на устата, по што се замешал и нивниот малолетен син А.М, кој започнал расправија со неговиот татко, сакајќи да ги раздвои, но неговата мајка повторно била нападната од мажот, кој ја удирал со клоци по нозете и ѝ ја свиткал десната дланка. Од тој ден, 5 јануари 2021, до објавувањето на пресудата, поминале точно една година и два месеца. Мажот е осуден на условна казна, односно ако во рок од 2,5 години го повтори делото, ќе треба да одлежи затворска казна од една година.

Со други зборови, тој е на слобода, жената и натаму се чувствува небезбедно, исто како и малолетниот син.

Често учениците кои предизивикуваат булинг може да се жртви/сведоци на семејно насилство

За тоа колкава е можноста детето во текот на својот развој да го прими однесувањето на насилникот или пак на жртвата, Попризова вели дека многу често момчињата кои во своето растење биле изложени на омаловажување и малтретирање на жените, и самите усвојуваат облици на насилно однесување.

„Едно објаснување е механизмот наречен идентификација со агресорот. Идентификацијата со агресорот е одбранбен механизам кој подразбира идентификување на жртвата со  лице кое манифестира агресивно однесување, со цел да се отстрани или барем да се ублажи стравот од него. Идентификацијата со агресорот е особено карактеристична за децата кои се чувствуваат загрозено и беспомошно. Во случај на поистоветување со непријателската личност, детето како беспомошна личност се обидува да го надмине стравот со однесување слично на агресорот“, објаснува Попризова за Мета.мк, додавајќи дека насилството што понатаму го врши жртвата не се насочува кон изворот на идентификација, односно примарниот насилник, туку кон лице кое има помала моќ во однос на него – соученик, помал брат/сестра и сл.

Фото: Photo by Caleb Woods on Unsplash

„Многу често учениците кои предизивикуваат булинг во училиште може да се самите жртви и/или сведоци на семејно насилство“, додава таа.

Од друга страна, смета Попризова, многу често девојчињата кои растеле со насилство во семејството, имаат големи шанси и самите да бидат жртви во своите партнерски релации, бидејќи го усвоиле овој начин на однесување од семејството, најмногу како начин да го преживеат насилството, односно како психолошки одбранбен механизам.

„Овие системи на верување се поставени за да ја заштитат жртвата од потребата навистина да се вклучи во животот и активно да партиципира и да се бори. Да се ​​направи тоа за нив е премногу ризично, па така го поднесуваат насилството и  никогаш не очекувате подобри услови“, вели Попризова.

Како што веќе објавивме, од јануари 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91 проценти од случаите биле мажи. Жртви на семејно насилство биле 79 проценти жени и 21 процент мажи.

Вкупно 22 убиства се случиле во последниве четири години како резултат на семејно насилство, 12 убиства во обид.

Најчести жртви на семејно насилство, според податоците што ги обезбедивме, се сопруги или мајки. Најмногу убиства како последица на семејно насилство имало во 2022 година – дури седум, додека лани имало пет.

(Продолжува)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Коце Трајановски ќе раководи со државните патишта, одлучи Владата

Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје е назначен за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Тој доаѓа на функцијата на местото на неговиот претходник, Ејуп Рустеми. Владата...