Нема една третина од учебниците во основно оти комплексна е процедурата за избор на учебник, велат во МОН

„Нема законски механизми МОН да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката“, велат во МОН

Фото: МОН

Министерството за образование и наука, во врска со информацијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“, укажува дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори. Oваа реакција на надлежните во МОН, следи откако Комисијата утврди дека од вкупно 126 учебници за основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34 отсто учебници.

„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да треба да се направат неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот“, појаснуваат во МОН.

По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на Националната комисија за учебници, составена од 17 членови.

„Во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од. За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји“, наведено е во реакцијата на МОН.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека МОН не ја отстраниле повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, што било нивна законска обврска.