Нема бегање од таксата на јаглерод, прашање е само дали парите ќе ги наплати земјава или ЕУ

Фото: CEE Bankwatch Network

Воведувањето на такса на јаглерод е еден од најефикасните начини да се обезбеди примена на начелото загадувачот плаќа. Наменета првенствено за капацитетите произведувачи на електрична и топлинска енергија од фосилни горива, но и за корисниците на енергенти во индустријатa, јаглеродната такса треба да обезбеди средства за закрепнување на животната средина од работата на енергетскиот сектор, кој е еден од најголемите емитери и загадувачи во земјава.

Во моментов, за еколошките здруженија во земјава нема дилема дали треба да има или не, такса на јаглерод. Прашањето е дали ќе ја воведе С. Македонија пред тоа да го направи Европската Унија наместо нас. Разликата е во тоа дали средствата што ќе се соберат по тој основ ќе завршат кај нас или во европските фондови.

Воведувањето на јаглеродната такса е добро решение кое би било во корист на државата, смета Невена Смилевска од „Еко Свест“, но само доколку парите кои ќе се соберат по тој основ одат во Фонд за животна средина. Доколку средствата од таксата се вратат во буџетот и како и повеќето еколошки такси да се наменат за генерална употреба, тогаш не ја постигнуваат целта на нивната намена.

„Идејата на јаглеродната такса е да се соберат средствата од индустријата по принципот загадувачот плаќа за да се финансира поправањето на штетата која ја прават. Доколку не се насочат правилно, тогаш целта нема да биде постигната. Има и дискусија за тоа колкава е висината на средствата кои ќе се плаќаат споредено со штетата која се прави и веројатно тоа прашање секогаш ќе биде отворено и актуелно“, вели Смилевска.

Доколку земјава не ги оданочи сите јаглеродно интензивни дејности и производи, тоа ќе го направи Европската Унија со граничната јаглеродна такса за секој продукт што се извезува од земјава. Во овој случај не е јасно што ќе се случи со овие средства, дали ќе останат во ЕУ и ќе влезат во нивните фондови и дали ќе се пренасочат во регионот за решавање на одредени прашања, како на пример праведната транзиција, или, пак, како што се залага CEE Bankwatch, ќе се вратат во земјата која е оданочена.

„Од искуството по последната хибридна тркалезна маса што се одржа неодамна и која беше поврзана со предизвиците за бизнис секторот од воведувањето механизми за оданочување на јаглеродот на која учествуваа претставници од владиниот, граѓанскиот, академскиот и приватниот сектор од целиот регион, евидентно е дека на индустријата, особено на компаниите кои што извезуваат, им е јасно дека оваа давачка е неопходна и се подготвуваат за нејзиното воведување“, посочува Смилевска.

Од Министерството за животна средина велат дека земјава има подготвено патоказ за јаглеродна такса, а во соработка со Енергетската заедница останува да се работи на конкретниот дизајн, за да биде во исто време и праведна. Според патоказот, за воведување на таксата е потребна одлука на министерско ниво од сите држави-страни на ЕЕЗ, која треба да се донесе на крајот на годинава.

„Данокот на јаглерод може да помогне при спроведувањето на Ревидираниот национален придонес чија цел е намалување на емисиите на стакленички гасови за 51 процент во 2030 година во споредба со нивото од 1990 година што беше усвоен лани во април, на тој начин што ќе овозможи оданочување на различни активности согласно нивното влијание врз климата. Според анализата, се препорачува да се воведе данок на јаглерод кој ќе започне од околу осум евра за емисии од еден тон CO2 и ќе достигне 28 евра за тон во 2030 година. Се предвидува дека со најниската стапка ќе се генерираат приходи од 60 милиони евра, а со највисоката 137 милиони евра“, посочуваат од Министерството.

Од оваа институција се согласуваат дека конкретната даночна стапка значително ќе придонесе за постигнување на националните климатски цели за секторот енергетика поставени согласно со Договорот од Париз. Неколку од приоритетните активности за кои може да се искористат овие средства се субвенционирањето на трошоците за енергија за да се заштитат ранливите потрошувачи со ниски примања, кои најтешко ќе се справат со зголемувањето на трошоците, а дел од средствата во првите години може да се користат и за да им се помогне на работниците кои работат на ископ на јаглен со цел да преминат на работни места во други индустрии.

Од Центарот за климатски промени се согласни дека пролонгирањето на роковите за донесувањето на Законот за климатска акција, од аспект на воведување на оваа давачка, нема да им донесе ниту корист ниту пак заштита на загадувачите, особено од енергетскиот систем. Законот со кој се транспонира Директивата што воспоставува систем за тргување со квотите на емисии на стакленички гасови во рамки на Унијата може да доцни и да се донесе и идната година, но тоа нема да ги одложи обврските кои, веројатно од 2026 година, ЕУ ќе ги наметне со прекуграничното оданочување за извозот на домашните производи. Велат дека и досега не беше јасно ниту дали и со донесувањето на овој закон јаглеродната такса ќе стартуваше со наплата веднаш или со одложени рокови. Сепак, важно е да се воведе пред 2026 година и на тој начин да се расчисти прашањето дали ќе дозволиме сретствата да заминат во европските фондови или пак ќе ги задржиме во земјава и ќе ги искористиме за зелени инвестиции во најзасегнатите сектори.

Минатата година, 21 отсто од светските емисии на стакленички гасови биле опфатени со механизми за наплата на јаглеродните емисии. Првите земји кои воведоа данок на јаглерод во 1990 година беа Финска и Полска, а во 2005 година беше воведен системот за тргување со емисии во ЕУ (EU ETS), што овозможи повеќе емисии на стакленички гасови да се опфатени со данокот на јаглерод. Голем број земји ги воведоа и двата ценовни механизми, односно и данокот на јаглерод и ETS, така што воведоа данок за емисии и инсталации што не се опфатени со системот. Германија, на пример, лани, паралелно со EU ETS, воведе и национален ETS систем за емисии од греење и транспорт.

Секоја земја-членка на ЕУ што учествува во системот EU ETS, плаќа единствена цена која во 2020 година беше околу 30 евра за тон CO2, а неодамна порасна на 45 евра за електроенергетскиот сектор, индустријата и домашните воздухопловни сектори. Сепак, кога се однесува до даночните стапки на јаглерод тие се разликуваат од земја до земја. Највисоките се плаќаат во Шведска, околу 110 евра за емисии од еден тој јаглерод, а додека најниските во Полска  од 0,09 евра за тон.

Земја од ЕУ која е најблиску до Македонија и воведе данок на CO2 е Словенија, каде што изнесува околу 17 евра, а во регионот прва земја е Црна Гора, каде се плаќа 24 евра за тон.