fbpx

Неделна анализа: Притвори, тепачки, тероризам и политика

-

Во период од неполни три дена во земјава се случија редица настани поврзани со последните месеци од владеењето и одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да замине од власт. За да остане на власт оваа партија пред две години реши да се стави над Уставот и да продолжи да владее со помош на насилство маскирано со упад на „народот“ во Собранието, а оправдано со фиктивната потреба народот да си ја одбрани државата. Последиците од ваквата политика денеска се чувствуваат во судските коридори и притворските простории на скопските затвори.

Пишува: Владимир Петрески

Токму во деновите кога завршува судењето на извршителите на насилствата во македонскиот Парламент од 27 април 2017 година и кога во судот се даваат завршните зборови и на обвинението и бранителите, истовремено започна и прогонот на организаторите или барем на дел од нив.

Во средата на 19 февруари полицијата затропа во домот на поранешниот претседател ма Собранието, Трајко Велјановски, со цел да го приведе под сомнение како еден од организаторите на насилството. Покрај него, приведени беа и поранешните министри Миле Јанакиевски (за сообраќај и врски) и Спиро Ристовски (за труд) и двајцата од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата трага по уште двајца осомничени и иако нивните имиња сѐ уште не се објавени, информациите блиски до истрагата, до кои доаѓаат медиумите, како и објавените иницијали, покажуваат дека станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, како и за поранешниот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој повеќе од една година е во Грција. Груевски веќе се огласи преку неговиот омилен канал за комуникација од егзил – Фејсбук, барајќи од Обвинителството да излезе со доказите без оглед на тоа што истрагата е се уште во тек и судењето на организаторите не е почнато, а правдајќи го ваквото барање со посебноста на целиот случај.

Во медиумите со месеци има многу шпекулации дека главен извор на информации во оваа истрага е декемвриското сведочење на Александар Василевски – Нинџа, дадено во текот на судењето на извршителите на насилните дела при упадот во Собранието каде што Василевски е еден од обвинетите. Но, од друга страна, пак, фактот што Обвинителството не даде налози за приведување на барем уште 4 лица спомнати во сведочењето на Василевски покажува оти тоа има и други докази кои се земени предвид при носењето на одлуката за приведувањето. Покрај ова, обвинителката Вилма Русковска изјави и дека голем број од обвинетите во судскиот процес кој се однесува на извршителите, се понудиле да бидат заштитени сведоци, но тоа било одбиено од страна на Обвинителството.

Василевски, во своето сведочење, покрај тоа што вмеша редица високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ како организатори на насилствата во Собранието, истовремено безмалку ја призна и сопствената вина, односно призна дека бил важен теренски замаец во машинеријата која работела на имплементацијата на загрозувањето на уставниот поредок или, како што вели соопштението на Јавното обвинителствоосомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта и за таа цел и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред ДИК, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ кои кулминираа со насилно влегување во Собранието“.

Како што се гледа од ова соопштение, истрагата не се однесува само на 27 април и настаните пред и во Собранието, туку и на протестите пред Државната изборна комисија (ДИК) четири месеци претходно, односно по парламентарните избори од 11 декември 2016 година, кога тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ сфати дека самата како партија нема да има 61 пратеник и дека нејзината политичка иднина ќе зависи од тоа дали албанскиот партнер ДУИ ќе продолжи да учествува во дотогашната коалиција. Претходно ДУИ немаше избор и мораше да биде коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ за да добие дел од колачот кој со себе го носи власта, зашто ВМРО-вците имаа доволно пратеници и самите да направат Влада, или, пак, да стапат со коалиција со друга албанска партија, но тоа повеќе не беше така. Во секој случај, самото спомнување на протестите пред ДИК, кои се одвиваа 4 месеци пред оние во Собранието на 27 април 2017 година, покажува постоење на со месеци развиван и имплементиран план и сценарио власта никако да не премине кај новото владејачко мнозинство, сега составено од СДСМ и ДУИ, односно да остане во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, па макар и по цена да не се испочитува волјата на гласачите, како и Уставот, кој гарантира промена и примопредавање на власта после избори, ако изборните резултати го бараат тоа.

Јанакиески и Ристовски експресно завршија во притвор со одлука на Кривичниот суд, што и не треба да чуди ако се има предвид тежината на делото за кое се осомничени и кое се однесува на „терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста“. Поранешниот собраниски спикер Трајко Велјановски е се уште на слобода заради неговиот пратенички имунитет. Но, и покрај тоа што барањето на Кривичниот суд до Собранието за одземање на неговиот имунитет се сопна во правните лавиринти, сепак, се очекува и Велјановски набрзо да се најде зад решетки ако се имаат предвид кусите рокови во кои и матичната Комисија за мандатно-имунитетни прашања и Парламентот на пленарна седница треба да одлучат за судбината на неговиот пратенички имунитет и тоа само со просто мнозинство.

И, не поминаа ни 48 часа од влегувањето на Јанакиески и Ристовски во скопскиот затвор, во дворот на затворот се случи тепачка, за која медиумите велат дека се случила меѓу лица обвинети во процесот „Диво насеље“ и Миле Јанакиески, при што напомош му пристапил неговиот колега Ристовски. Јанакиески заврши во болница со нагмеченици, а по неговото враќање во затворот тој и Ристовски добија тнр. Хашка соба и посебен режим на прошетки со цел да не се сретнат повторно со истите лица од претходната физичка пресментка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, целиот случај го искористи за театар, СДСМ обвини дека тепачката била почната токму од поранешните министри, за на крај да реагира и Делегацијата на Европската комисија во Скопје, премиерот Зоран Заев да побара оставка од директорот на затворот Ѓоко Котевски, кој се согласи да поднесе оставка. Во секој случај, ваквиот настан покажува колкав голем предизвик претставува за затворските власти обезбедувањето на мир во затворските институции во ситуација кога дузини притвореници и затвореници за политички поврзаните случаи ќе се најдат истовремено зад решетки. Предизвикот ќе беше уште поголем ако поранешниот премиер Никола Груевски не побегнеше и мораше да ја отслужува својата актуелна затворска казна од 2 години, колку што е осуден во случајот „Тенк“, но истовремено да треба и постојано, од ден во ден да биде транспортиран на суд за да се справува и со другите судски процеси против него.

Ако еден министер за сообраќај и врски е нападнат веднаш вториот ден заради неговите министерски активности, којзнае колку насилна енергија има во скопските затвори насочена кон Груевски со оглед на тоа што тој беше иницијатор и носител на политиките, постапките и делата заради кои денеска судовите работат со полна пареа и не можат да постигнат да ги спроведат сите неопходни рочишта, а камоли, пак, да се стигне до правдата во реален и одржлив рок за нејзиното спроведување да има смисла и поддршка од граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...