fbpx

Не е вистина дека Преспанскиот договор е неважечки

Преспанскиот договор е меѓународен и билатерален, потпишан и ратификуван од страна на двете земји. Тој е дел од внатрешниот правен поредок и на Северна Македонија и на Грција

-

Преспанскиот договор е меѓународен и билатерален, потпишан и ратификуван од страна на двете земји. Тој е дел од внатрешниот правен поредок и на Северна Македонија и на Грција. Затоа овој договор не може да биде неважечки, како што се тврди во објавата, пишува Вистиномер

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Преспанскиот договор што го потпишаа С. Македонија и Грција не важи. Ова е невистина, Договорот е меѓународен, билатерален и ратификуван од двете земји.

Договорот од Преспа е меѓународен договор што го регулира решавањето на македонскиот спор за името и со неговото потпишување БЈРМ (Бивша југословенска Република Македонија) го промени своето име во Северна Македонија. Грција ја призна земјата со ова име и го укина нејзиното вето против членството на државата во НАТО.

Историскиот договор беше потпишан на 17 јуни 2018 година од тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, долгогодишниот посредник Метју Нимиц, како и високи претставници на ЕУ и на други земји на границата меѓу двете земји, веднаш до Преспанското Езеро.

Во објавата што е предмет на оваа рецензија, се тврди дека Преспанскиот договор е неважечки затоа што С. Македонија била напишана како „другата страна“  во Договорот.

Грција и другата страна ДРУГА СТРАНА МОЖЕ ДА БИДЕ БИЛО КОЈА ДРЖАВА ВО СВЕТОТ.

Ова е неточно и манипулација на она што е точно и прецизно наведено во Договорот од Преспа. Имено во Договорот има две страни, едната односно „Првата страна“ е Грција а „Втората страна“ е нашата држава. Не е вистина дека „Втората страна“ може да биде која било држава во светот зошто точно е утврдено и напишано која е „Втората страна“.

Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“, пишува во Преспанскиот договор.

Впрочем, низ целиот Договор Грција е именувана како „Прва страна“, а Северна Македонија како „Втора страна“ и тоа не може да бидат кои било други држави, туку само овие две држави.

Во објавата неточно се тврди и дека Грција не го ратификувала Преспанскиот договор:

Се уште не е ратификуван во грчкиот парламент и по 5 години.

Грчкиот парламент со 153 гласа „за“ на 25 јануари 2019 година го ратификуваше Договорот од Преспа, со кој се стави крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија. Од 300 пратеници, „за“ гласаа 145 пратеници од Сириза и уште 8-мина пратеници од пет други партии. „Против“ беа пратениците од Нова демократија, Златна Зора, Комунистичката партија, АНЕЛ, КИНАЛ и неколку независни пратеници. За оваа ратификација во грчкиот парламент се дебатирало речиси 40 часа и имало говори на 200 пратеници, политички лидери, известувачи и специјални говорници во грчкиот парламент. Непосредно по гласањето, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос ја потпиша ратификацијата на Договорот од Преспа.

Парламентот на С. Македонија го ратификуваше договорот неколку месеци претходно. На 20 јуни 2018 година, пратениците во македонското Собрание со 69 гласа „за“, без против и воздржани, а во отсуство на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го ратификуваа договорот за името со Грција.

Договорот стапи во сила 8 месеци по потпишувањето – на 12 февруари 2019 година откако беше ратификуван од парламентите на двете држави.

Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник, се вели во соопштението на Владата.

Овој меѓународен Договор, потпишан и ратификуван од страна на двете земји, стана дел од внатрешниот правен поредок и на С. Македонија и на Грција. Затоа тој не може да биде неважечки, како што се тврди во објавата.

Меѓународните договори се уредени со два члена од Уставот на нашата земја.

Член 68

Собранието на Република Македонија ратификува меѓународни договори.

Член 118

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

И Уставниот суд оцени дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот и дека останува дел од правниот поредок на државата. Образложувајќи ја одлуката, претседателката Добрила Кацарска на прес-конференцијата рече дека за овој предмет била спроведена темелна постапка, одржана е подготвителна седница и била направена „сеопфатна анализа на уставно-судската пракса“.

Преспанскиот договор стана актуелна тема последните денови, откако новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска Давкова во својата заклетва не изговори „Северна Македонија“, како што е новото уставно име на државата, туку кажа „Македонија“. По оваа нејзина постапка започнаа да се водат разни дебати за Преспанскиот договор, особено на социјалните мрежи. Но, никако не може да се тврди дека тој е неважечки. Затоа оваа објава ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По една ѕвезда на Широк сокак за лауреатите на Златна Камера 300 за животно дело

На годинашното јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по прв пат на Широк сокак во Битола, ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници...