Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини не ги чисти шумите. Тоа тврдење може да се сфати на два начини – дека Министерството помага да се расчисти просторот откако ќе изгори шумата после активен пожар, но и дека самото „ги чисти“ во преносна смисла, односно дека е поврзано со пожарите. И двата начина на кои може да се сфати објавеното се неточни, пишува Вистиномер.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Идна Африканска судбина.
А што мислевте, новото Министерство за рударство случајно ги чисти планините од шумите. Абе ВМРО ќе ве докрајчи а странците ќе ви ја прекопаат цела Македонија.
Објавата е во контекст на веќе етаблираната теорија на заговор поврзана со шумите, дека тие се уништувани, палени, „чистени“ за да се случи експанзија на фотоволтаици или други видови на објекти за обновлива енергија на територијата на земјава. За дел од овие пожари (многу мал дел) има осомничени и обвинети лица, меѓутоа нема ниту еден доказ или индиција дека „пожарите се за странци да ни ја прекопаат државата“. Станува збор за паушално обвинување и навод за кој нема никакви аргументи. Дел од овие пожари се случија во централни, населени населби, каде што нема ниту простор, ниту услови што било да се гради, како на пример овој.
Имаше пожар и во национални паркови, каде е забрането да се гради.
Има и случај каде на Галичица бездомник сакал да се стопли, па запалил оган. Тој тврдел дека немал намера да предизвика пожар. Неколку од пожарите биле предизвикани и од удар од гром.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против татко и двајца синови за предизвикување општа опасност во местото викано Патишка Река.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини не ги чисти шумите. Тоа тврдење може да се сфати на два начини – дека Министерството помага да се расчисти просторот откако ќе изгори шумата после активен пожар, но и дека самото „ги чисти“ во преносна смисла, односно дека е поврзано со пожарите. И двата начини на кои може да се сфати објавеното се неточни.
Медиумите изминатите недели известуваат за бројни пожари со различни причинители, а за дел од нив причините не се ниту откриени, ниту пак, има осомничени. Точно е само дека има сомнежи оти најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор, но без да се знаат мотивите ниту дали се работи за невнимание или за намера.
Јавното претпријатие Македонски шуми, после пожарите ги промени годишните планови за сеча со цел да се намалат штетите од годинешните пожари. Според директорот на јавното претпријатие целта на таквиот потег е да се спречи манипулација квалитетна дрвна маса да се продава како опожарена по багателни цени. Генералната проценка до почетокот на август е дека загубата само од дрвна маса е околу 26 милиони евра, објави Телма.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.