fbpx

Не е точно дека Украина го забранила Велигден годинава

Во исто време,  киевските власти ги советуваа граѓаните да се префрлат на онлајн преносите на религиозните служби, поради зголемената опасност од провокации и бомбардирања од страна на Русија.

-

Велигденските празнувања не беа забранети ниту во Киев, ниту каде било на друго место во Украина. Постот дезинформира дека  Украина годинава го забранила Велигден. На  видеоматеријал снимен на 16 април 2023 година, може да се погледне како верниците се упатуваат кон храмовите во Киев. Во дворовите на црквите свештениците поздравуваат со „Христос воскресе“ и изведуваат ритуал на прскање со света вода. Украинките доаѓаат пред црквите со бојадисани јајца, палат свеќи… Така што, јасно се гледа  дека се изведуваат сите христијански адети кои секоја година се спроведуваат во Украина и во другиот православен свет каде се празнува Велигден според Јулијанскиот календар, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија од православен христијански храм и се вели:

На УкраЈине, го забранија Великден годинава. Добро, штом така сакаат, Господ ќе им учини.
Дезинформација е дека Украина годинава го забранила Велигден (ниту празнувањето, ниту литургиите не беа забранети). За тоа постојат повеќе докази. На следниот видеоматеријал снимен на 16 април 2023 година, може да се погледне како верниците се упатуваат кон храмовите во Киев и покрај воената агресија што ја спроведува Русија.  Снимките од Велигден се емитувани на телевизја. Во дворовите на црквите свештениците  поздравуваат со „Христос воскресе“ и изведуваат ритуал на прскање со света вода. Украинките доаѓаат пред црквите со бојадисани јајца, палат свеќи…Евидентно е дека се изведуваат сите пропратни христијански адети коишто се спроведуваат секоја година во Украина.
Дополнителен доказ за тоа дека Велигден не е забранет во Украина претставува официјалното велигденско обраќање на претседателот на Украина, Володимир Зеленски по повод христијанскиот празник. Обраќањето на Зеленски може да го погледнете на следниот линк.
Го прославуваме Велигден заедно како едно големо семејство. Имаме еден голем дом, а тоа е Украина и имаме една голема цел, а тоа е победа за сите. Тие кои не се повеќе со нас ги помниме и го молиме Бог за нивните души. Сите кои се борат да ја заштитат татковината го молиме Бог да ги заштити и да ги сочува, вели Зеленски во дел од своето обраќање (од 4 минута и 25 секунда до 4 минута и 52 секунда).
Како што пишуваат проверувачите на факти од Стоп Фејк, не е вистина дека Украина  го забранила Велигден. Велигденските празнувања не беа забранети ниту во Киев, ниту каде било на друго место во Украина.
Можно беше да се посети богослужба пред 12 на полноќ или после 5 наутро. На верниците кои решиле да останат во црквите за време на ноќната служба, не им било дозволено да излезат до крајот на полицискиот час, пишува Стоп Фејк.

Според нив,  невистинитата информација дека богослужбите за Велигден се забранети или оневозможени во Украина ја рашириле руските медиуми.

Велигденските празнувања сепак не беа ниту откажани ниту забранети, ниту во Киев ни во Украина генерално. Украинските власти единствено ги потсетиле своите граѓани од зголемената опасност во Украина за време на празниците поради руската инвазија и нивните константни напади со проектили врз цивилната инфраструктура.

Воената администрација на Киев извести дека во главниот град на Украина ќе бидат воведени засилени безбедносни мерки за време на прославите. Исто така потенцирано беше дека полицискиот час од полноќ до 5 часот изутрината ќе остане на сила и за Велигден. Според воената администрација, црквите во Киев ќе бидат отворени цела вечер и за вечерните и за утринските молитви на 15 и на 16 април 2023. Во сабота, вечерните молитви ќе се одржуваат од 15 часот попладне до 23 часот навечер, а во недела, утринските молитви се закажани од 5 наутро до 18 попладне.

Воената администрација извести дека Украинците коишто сакаат да останат во црквите во текот на ноќта, ќе може да го направат тоа и покрај полицискиот час кој е на сила. Исто така, оттаму укажале дека тие што ќе дојдат на богослужба пред да почне полицискиот час, треба да останат цела ноќ во црквите додека да заврши полицискиот час, пред сè од безбедносни причини. Единствениот исклучок од ова правило, според Стоп Феик,  е доколку се појави тревога, па да треба да се префрлат до најблиското засолниште.

Во исто време,  киевските власти ги советуваа граѓаните да се префрлат на онлајн преносите на религиозните служби, поради зголемената опасност од провокации и бомбардирања од страна на Русија. Украинците, исто така, беа советувани да ја планираат својата рута односно да го знаат патот до најблиското засолниште однапред во случај на напад.

Запомнете дека за нашиот непријател ништо не е свето. Дури и на такви светли денови во кои се прославува воскресението на Бог, агресорот само чека да предизвика зло. Бидејќи агресорот е зол. Затоа заканите од провокации или проектили се особено активни денеска. Следете ги безбедносните правила. Грижете се за себе и за саканите. Бидете одговорни и помогнете да донесеме мир во Украина, изјави Серхиј Попко, претседател на киевската воена администрација.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Кацарска: Добивав закани на секои два-три дена, а бев и физички нападната

Претседателката на Уставниот суд во заминување Добрила Кацарска вели дека за време на нејзиниот мандат не поминувало недела без да добие некоја закана. Таа вели дека била и физички...