Александра Данева ја доби Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска рече дека со наградата за млади истражувачи, Народната банка има за цел да ги поддржи младите економисти да создаваат нови идеи и иновативни решенија за предизвиците во економијата.

фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Александра Данева ја освои првата награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството што ја доделува Народната банка. Данева ја доби наградата за трудот „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“.

Таа се има стекнато со Меѓународна диплома за економија и бизнис на Универзитетот Еразмус во Ротердам, Холандија, а своето знаење го надградува со работно искуство како финансиски аналитичар во друштво за управување со отворени инвестициски фондови.

Од Народната банка информираа дека наградениот труд ги испитува карактеристиките на фирмите кои влијаат врз приносите од акциите и ја моделира променливоста на индексот на Македонската берза. Притоа, приносите на индексот и карактеристиките на фирмите се споредуваат со примерот на Словенија, како земја на повисоко ниво на развој.

„Одборот за оценување, со кој годинава претседаваше вицегувернерката Ана Митреска, чии членови беа Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, самостоен советник во  Дирекцијата за монетарна политика и истражување, дадоа највисока оценка за наградениот труд, раководејќи се од релевантноста на истражуваното подрачје, соодветноста на користениот статистичко-економетриски пристап и дадените заклучоци и препораки“, соопштија од Народна банка.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска рече дека со Годишната награда за млади истражувачи што годинава се доделува по седумнаесетти пат, Народната банка има за цел да ги поддржи младите економисти да создаваат нови идеи и иновативни решенија за предизвиците во економијата.