fbpx

Шокаровски: Не е точно дека е зголемена смртноста на пациенти на Државна кардиохирургија

Д-р Шокаровски оцени дека се работи за оркестрирана хајка, во која за прв пат се случува на ваков начин да се напаѓа и да се руши интегритетот на Клиниката за државна кардиохирургија

-

Не е точно дека е зголемена смртноста на пациенти на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија откако сум јас назначен за директор на истата. Од јули до мај смртноста постојано се намалува. Низ месеците, тежината на пациентите се зголемува, односно пациентите со тешки состојби, преживуваат повеќе.

Ова денеска на прес-конференција го кажа д-р Марјан Шокаровски, кој пред два дена беше разрешен од министерот во заминување Илир Демири, со образложение дека имало сомнежи за зголемена смртност на оваа клиника. Шокаровски кажа дека не се вистинити објавените информации во некои медиуми, согласно кои, постојат наводни 170 т.н. фантомски пациенти. Тој обвини за оркестрирана хајка, во која за прв пат се случува на ваков начин да се напаѓа и да се руши интегритетот на Клиниката.

„Кај нема ниту еден пациент без документација. Некои од пациентите третирани на нашата клиника, нивните отпусни писма не се внесени во системот МојТермин поради софтверски пропуст. Единствена законска обврска е пишаниот документ. Овие пациенти не се ниту скриени ниту фантомски, сите имаат уредни отпусни писма и тоа може лесно да се провери. Нашата анализа покажува дека постои грешка во пренесувањето информации од софтверската платформа која ние ја користиме за евиденција на пациентите, до платформата МојТермин“, кажа Шокаровски.

Тој рече дека согласно анализата која ја направиле, има значајно зголемување на тежината на пациентите за околу 20 отсто, а во исто време има тренд на намалување на смртноста.

„Смртноста е пониска од т.н. параметар евроскор 2, односно подобри сме од она што се очекува. Бевме нападнати за зголемена смртност и за нестручно работење. Оттука се наметнува прашањето, дали се работи за оркестриран напад против Државната кардиохирургија. Министерот во заминување ја обезвреднува макотрпната работа на сите овие луѓе, кои го сочинуваат тимот кој неуморно ги третира и најкомплицираните случаи од кардиоваскуларната хирургија. Сите бројки кои се изнесени се неточни и шпекулативни“, рече Шокаровски.

Тој ги повика институциите да проверат дали може министер во заминување да именува и разрешува директори на клиники.

„Министер во техничка Влада не може да именува и разрешува раководители. Ги повикувам институциите да регираат. Министерот го разреши и кординаторот за кардиоваскуларна хирургија, Александра Ефтимова, а го прекина договорот на координаторот за срцева трансплантација, Адријана Ѓеоргиев. Бевме нападнати за смртноста и нестручно работење. Оттука се наметнува прашањето, дали се работи за оркестриран напад против Клиниката. Министерот во заминување ја обезвреднува макотрпната работа на сите овие луѓе, ова е тимот кој неуморно ги третира и најкомплицираните случаи од кардиоваскуларната хирургија“, рече Шокаровски, кој потенцира дека некој сака да го омаловажи и релативизира напредокот на клиниката.

Д-р Васил Папестиев накусо ја образложи анализата која ја направиле тој и неговите клеги на Клиниката. Кажа дека медицинската биостатистика, посебно при проценка на морталитетот, е специфична наука и дека кога се прават споредби, се споредуваат периоди, се споредуваат пациенти со иста тежина на болест и т.н.

„Низ годините наназад морталитетот е поврзан со евроскор. Тоа е скор кој покажува колку еден пациент е тежок и кои се шансите за смртен исход. Процентот на итни пациенти во светот се вижи околу 3 отсто, а ние кај нас имаме 20 посто итни пациенти. Тоа се пациенти кои доаѓаат во многу лоша состојба. Ние како Клиника немаме право да ги бираме или одбиваме пациентите, ние сите ги прифаќаме и оперираме“, рече д-р Папестиев.

Д-р Надица Мехмедовиќ на прес-конференцијата истакна дека има сериозни обвинувања за работата на клиниката.

„Не постои клиника во Клиничкиот центар, која повеќе од нашата и посовесно и попрофесионално ги лекува своите пациенти. Денеска, луѓето се овде за секој да се одбрани себеси и да каже, Зошто сум обвинет, кога професионално си ја работам работата? Принципот на оваа клиника е професионализам. Кога работите професионално со пациентите и нивните семејства, работите и со вашите колеги професинално. Тоа налага добри меѓучовечки односи. Нашиот императив е стручност и одговорност во работата. Не е точно дека односите меѓу нас се нарушени“, рече д-р Мехмедовиќ.

Шокаровски кажа дека на Клиниката се вршат сите комплицирани операции и дека поради тоа што тие работат сами, нема потреба од барања за мултидисциплинарни тимови.

„Ако државата сака да го развива државното здравство, треба да се размислува за проширување на капацитетите на оваа клиника. Веќе има некакви иницијативи. Потребно е да ги имаме сите инфраструктурни можности, доволен број на кревети на интензивна, на оддел“, додадед тој.

Прашан за ангажманот на д-р Сашо Јовев, поранешниот директор на Клиниката за државна кардиохирургија, Шокаровски истакна дека тој ги има сите права одговорностти и задачи како што ги имаат сите останати на Клиниката.

„Јовев си има амбулантен ден, дежурства, си прима пациенти, си оперира, си ги гледа своите пациенти“, додаде Шокаровски.

Пред два дена, Демири го разреши Шокаровски поради, како што рече, сомнежи за зголемена смртност на клиниката, како и поради тоа што на клиниката наводно имало пациенти кои не биле регуларно внесени во системот Мој Термин и немале отпусно писмо или прилог кон умреница. Тој кажа дека оформил комисија која ќе ги проерува ваквите наводи.

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЦУК: Пожарот кај Василево е активен, се шири кон Сушево и Злеово

Пожарот на отворено кој вчера попладне започна на територијата на Општина Василево е сè уште активен, соопшти попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од таму велат дека пожарот се...