Натпреварот за млади Owlypia на 3 и 4 декември ќе се одржи во „Јахја Кемал“

Извор: ПСУ „Јахја Кемал“

Меѓународниот натпревар за млади Owlypia – The Intellectuals Challenge 2022 ќе се одржи на 3 и 4 декември во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, информираат од ова приватно училиште. Станува збор за натпревар на кој учествуваат ученици во три категории поделени според возраста, и тоа: од 9 до 11 години, од 12 до 14 години и од 15 до 18 години.

„Целта на овој натпревар е да ја инспирира интелектуалната љубопитност на секој млад ум. Во Owlypia учениците можат да учествуваат на три натпревари: Owlypia- Интернет, Owlypia-Локал, Owlypia-Глобал“, се наведува во соопштението.

Учениците кои ќе освојат медал во онлајн или локални рунди, се квалификуваат за глобалните рунди Owlypia во Кембриџ (Велика Британија), Бостон (САД) и Дубаи (ОАЕ).

„Со учество во низа тимски предизвици во пет различни тематски области, младите интелектуалци ќе имаат можност да ги споделат своите креативни идеи, да ги развијат своите мултидисциплинарни академски вештини, да го откријат својот потенцијал, да градат самодоверба, да развиваат вештини за тимска работа и да склучат нови пријателства“, велат од „Јахја Кемал“.

Инаку, тимските предизвици на натпреварот се состојат од работа во група од тројца ученици кои ќе се соочат со пет различни предизвици од дадените пет предмети во текот на два дена. Тимските предизвици се: тест на одбраната тема (knowledge challenge), пишување состав (pen down challenge), дебатирање (speech-craft challenge), импровизиран говор (Impromptu challenge) и тимски тест (Team Spirit Challenge).

Натпреварот Owlypia се состои од пет теми: социјални студии, уметност и дизајн, литература и култура, наука и технологија и економија и бизнис. Учениците избираат еден од дадените предмети и се подготвуваат за натпреварот со користење на ресурсите кои се дадени за тој предмет.