fbpx

Народна банка: Банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со предизвиците

Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, а мерките на Народната банка придонесуваат за дополнително зголемување на неговата отпорност, велат од НБРСМ

-

Банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сѐ уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови. Вака е оценето во Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година што утрово го разгледа и усвои Советот на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ).

Заклучно со крајот на првиот квартал од годинава, депозитите на домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележале забрзан раст, додека помал раст имало кај кредитите.

„Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8%, a oсобено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4%“, соопштија од НБРСМ.

Стапката на адекватност на капиталот забележала квартално зголемување за 0,3 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18 отсто. Подобрената солвентност, велат од НБРСМ, е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година.

Извештајот на Народната банка забележува и дека показателите за ликвидноста се на задоволително ниво.

„Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи“, се вели во извештајот усвоен од Советот на Народната банка.

Во извештајот се нотира дека квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржал – вкупните нефункционални кредити продолжиле да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намалил за 0,1 отсто, до ново историски најниско ниво од 2,8 проценти. Сепак, се препорачува банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.

Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 0,75 проценти на 1 процент, со почеток на примена од 1 јули 2024 година.

Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има за цел да делува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките, земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...