fbpx

Награда за “Мац, мац” на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина

На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија

-

Претставата “Мац, мац!” во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар “Џинот”- Велес и Гете Институтот ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на овогодинешниот Интернационален театарски фестивал во Приштина (Prishtina International Theatre Festival) кој се одржа помеѓу 20 и 26 мај.

Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сарајево, Интегра од Приштина, Ерато Театар и ХНК од Загреб, Експерименталниот театар “Кујтим Спахивољи” од Тирана и Народниот театар од Подгорица.

Фото: Јили Бериша

Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка) пак, додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарите Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (КултПлус). За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, додека за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.

На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место заземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.

Во склоп на фестивалот, режисерот одржа и работилница по пост-драмски театар пред група на млади актери и студенти по актерска игра од Косово на кои им ја демонстрираше Вјупоинтс техниката по која е работена претставата. По гостувањето во Приштина, претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември 2024 година, кој е од натпреварувачки карактер.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.