Националниот парк „Маврово“ уште чека репрогласување, екологистите велат штетите се непоправливи

Фото: Adriaan Castermans, CC BY-SA 3.0, на Викимедија комонс

Репрогласувањето на националниот парк „Маврово“ ќе мора да почека нова Студија за ревалоризација на заштитеното подрачје. Последната е направена во 2011 година, и според Министерството за животна средина, е стар документ што не содржи податоци за реалната состојба со природното наследство на националниот парк. Минатата година раководството на Националниот парк ја достави оваа Студија со предлог-зонирање, но Министерството одби да ја продолжи постапката за репрогласување на Маврово заради застарените податоци.

Во меѓувреме, додека чека заштита, паркот се претвора во градилиште, штетите се очигледни, а можеби и непоправливи. Непостоењето на ефективен закон остава простор за никнување и на нови дивоградби, како и за продолжување на концесиите за планираните мали хидроцентрали. На Маврово не му недостасува само закон, туку и План за управување кој се носи по законот, а е клучен за унапредување на состојбата во паркот, реализација на разни програми за заштита, но и за одржлив развој и финансирање.

Од еколошката организација „Фронт 21/42“ сметаат дека се избегнува носењето на закон, бидејќи треба да оневозможи реализација на планираните мали хидроцентрали и кој можеби ќе наметне штета на постоечките и планираните дивоградби.

„Директната вклученост на Бернската Конвенција во заштитата на НП „Маврово“ отежнува носење на закон кој ќе биде во функција на незаконските проекти, тоа е нашето мислење. Целиот процес запре во 2015 година, кога беше изготвен нацрт закон скроен за реализација на двете големи хидроцентрали Бошков мост и особено, Луково Поле. Според тој закон, дел од зоната на строга заштита требаше да биде деградиран во зона со најниска заштита, наводно случајно, токму делот неопходен за изградба на Луково Поле“, вели Искра Стојковска од „Фронт 21/42“

Набргу потоа, додава таа, токму поради таквите обиди да се озакони уништување на паркот, Бернската Конвенција го отвори случајот, во рамките на кој даде препорака да се откажат сите планови за изградба на двете големи хидроцентрали, по што следеше и препорака за напуштање на сите планови и за мали хидроцентрали на територијата на паркот. Од декември минатата година со препораката се опфатени и дивоградбите.

Таа посочува дека во услови кога домашните еколошки здруженија, локалното население, дел од вработените во самиот национален парк и меѓународниот фактор како Бернската Конвенција, се против проектите кои институциите упорно ги продолжуваат или се обидуваат да ги озаконат, веројатно е многу потешко да се изработи Студија за ревалоризација која ќе предложи зонирање на паркот подредено на овие проекти.

Од „Фронт 21/42“ велат дека сè што е изградено или планирано и продолжено после препораката на Бернската конвенција, која бара да не се градат хидроцентрали на територија на паркот и да не се легализираат дивоградби, е истовремено и неуставно, бидејќи Уставот јасно упатува дека меѓународното законодавство е дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менува со закон. Од тука, заклучуваат дека Студија и закон кои би предложиле зонирање и дозволени активности со цел да се реализираат хидроцентралите, да се легализираат дивоградбите или да се овозможи понатамошно градење, според нив би биле незаконски.

Од Министерството за животна средина, пак, велат дека старата студија не ги задоволува барањата и мора да биде дополнета. Минатиот месец, министерот Насер Нуредини и директорот на националниот парк Самир Ајдини, договорија ажурирање на Студијата за ревалоризација на природните вредности, за што министерството се обврза да обезбеди финансии. Министерството бара Студијата да се дополни и ревидира во однос на предлозите за надворешните граници и за зонирањето со наративни описи на секоја од предлог зоните и ГИС податоци, како и наведување на податоци за проценка на статусот на живеалиштата и видовите од национално и ЕУ значење, која ја рефлектира нивната тековна состојба и потреба.

„Во изминатиот период на подрачјето на Маврово беа актуелни  хидропроектите за Луково Поле и Бошков Мост што директно влијаат на утврдувањето на предлог – зоните и нивните граници на дистрибуција во паркот, кои не се реализирани. Во меѓувреме се доделени концесии за неколку мали хидроелектрани во граници на националниот парк, а овие активности не се компатибилни со предлог-зонирањето од Студијата за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово од 2011 година, и со тоа и во обезбедувањето на заштита и зачувувањето на природните живеалишта и видови во НП Маврово, кои се од национално и ЕУ значење“, велат од министерството.

Една од причините што старата студија е неприфатлива, велат од Министерството, е што во неа нема информации и податоци за измена и дополна на урбанистичко планска документација на подрачјето на паркот, како и за други инфраструктурни проекти кој можат директно да влијаат врз биодиверзитетот. Нема ниту податоци од ИПА проектот реализиран во 2016 и 2017 година, со кој на подрачјето на Маврово се идентификувани три потенцијални подрачја за Натура 2000, ниту пак е наведено дали во меѓувреме се реализирани дополнителни научни истражувања за идентификација на живеалишта и видови од ЕУ значење, согласно мониторингот на управувачите со паркот.

„Во 2019 година изготвена е Национална Црвена листа на херпетофауна (водоземци и влекачи) и утврден е конзерваторски статус на 14 васкуларни растенија, кои имаат национално и меѓународно значење. Лани е изработена Национална Црвена Листа за крупни цицачи (рис, мечка, волк, видра и чакал) како и Национална Црвена листа на габи. Резултатите од овие активности не се дел од Студијата за ревалоризација од 2011 година“, информираат од Министерството.

Во посочената Студија нема ниту понови податоци за мониторингот и активностите за заштита на балканскиот рис кои ги прави Македонското еколошко друштво согласно со Акциониот план за заштита на рисот во Маврово, ниту за еколошкиот коридор на движење на балканскиот рис Буковиќ (Сретково) и Буковиќ (Колари), како продолжение на прекуграничниот еколошки коридор Маврово – Кораб – Коритник во Албанија и планината Мунела во Албанија.

Од „Фронт 21/42“, пак апелираат дека Студијата која ќе се работи мора да биде стручна и независна, со која ќе се утврди и воспостави зонирање, на начин кој ќе спречи секакви деградирачки активности во границите на паркот и ќе обезбеди заштита на природните вредности со кои располага. Порачуваат препораките на Бернската конвенција да се спроведат доследно.

„Повеќе од јасно е дека треба да се раскинат договорите за концесија за изградба на мали хидроцентрали, на пример ‘Рибничка 7’ е во непосредна близина на неодамна прогласеното светско природно наследство „Длабока Река“, потоа  ‘Жировничка 5’ и ‘6’ ќе ги остават мештаните без вода за пиење… Значајно за воспоставување на ефикасна заштита е и спроведување на студија за кумулативното влијание на сите постоечки и планирани проекти. Спроведување на Акцискиот План за зачувување на балканскиот рис е исто така неопходно, а сето ова Бернската конвенција ни го повторува секоја година“, посочува Стојковска.

Од Министерството информираат дека во моментов во тек се преговори со донатори за обезбедување на средства за ревизија и дополнување на Студијата. Откако ќе биде дополнета и ревидирана, треба да ја одобри Управниот одбор на НП „Маврово“ и заедно со ревидираниот Каталог на видови регистрирани на територијата на заштитеното подрачје Национален парк „Маврово“ треба да биде доставена до Министерството. Понатаму постапката продолжува во Националниот совет за заштита на природа кој треба да даде мислење, по што согласно со Законот за заштита на природата, ќе се изработи закон кој ќе мора да биде донесен во владина и собраниска процедура.