fbpx

На Клинички сè уште смрди, а никој не знае што

„Мајка, најдобро е да дојдете во септември или октомври за операција. Хируршките сали не работат, а интервенцијата за вашето дете не е итна“, ѝ рече сестрата на загрижената мајка која денеска го донесе своето дете на Клиничкиот центар за хируршка интервенција. Операционите сали сега, по повеќе од две недели застој, работат само со надворешни компресори

-

Автомобили, возила на Брза помош, нервозни паценти, насобрани роднини… Ако појдете на влезот во хируршкиот блок при комплексот клиники „Мајка Тереза“, ваква е сликата што ќе ја затекнете. И внатре е преполно – во холот, во ходниците пред амбулантите, како и пред некои од операционите сали. Ќе видите и пациенти легнати во болнички кревети, во ходници, додека чекаат прием и преглед од доктор.

Влезот на хируршки клиники е блокиран од возила. Фото: Мета.мк

Поминаа повеќе од две недели откако се појави проблемот со компримираниот воздух на Клиничките клиники. Голем дел од операционите сали се затворени. Пациенти се враќаат, со образложение дека нема услови да се изведе операцијата доколку не е итна.

На одделот за Детска хирургија, затекнавме мајка со своето дете во рацете, која разговараше со сестра од овој оддел.

„Мајка, најдобро е да дојдете во септември или октомври за операција. Хируршките сали не работат, а интервенцијата за вашето дете не е итна“, ѝ рече сестрата на загрижената мајка.

Компресорите кои во моментов не се во функција. Фото: Мета.мк

Во хируршките сали интервенции се изведуваат само врз пациентите кои се итни случаи. Редовната работа и функционирање на операционите сали се наруши откако поради непријатна миризба, тие беа затворени. Поради колапсот, голем товар понесоа „8 Септември“ и Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, на кои повеќекратно им се зголеми бројот на операции кои ги изведуваат.

Хирурзи за Мета.мк објаснуваат дека компримираниот воздух се користи како еден погон за работа на машините. Надлежни за компресорите се Заедничките служби на клиничкиот центар, но сега директорите на секоја клиника каде што се извршуваат хируршки интервенции се снаоѓаат како знаат, со цел да се продолжи со работа – преку обезбедување надворешни компресори, кои не се трајно и конечно решение.

„Миризбата што се чувствуваше од компресорите беше како штипење на носот, а некои од колегите се жалеа и на печење во очите. Ги затворивме хируршките сали, ги известивме сите кои се надлежни и еве набавивме надворешни компресори. До тука е нашата надлежност“, изјави за Мета.мк еден од хирурзите кој инсистираше на анонимност.

Ја посетивме и Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Директорот, д-р супспец. Александар Трајановски, вели дека клиниките за ортопедија и за трауматологија, располагаат со 6 операциони сали (две на траума и четири на ортопедија).

Д-р Александар Трајановски, директор на ТОАРИЛУЦ. Фото: Мета.мк

„Со една сала работиме во две смени. Во ниеден момент не застанавме со работа пред да ги добиеме надворешните компресори. Со обезбедувањето надворешни компресори, досега се направени околу 80 хируршки зафати. Работиме со намален интензитет, односно ако пред ова сме оперирале 15, сега во една сала може да оперираме 7 пациенти. Предност имаат пациентите со малигни заболувања или со фрактури. Во договор со Министерството за здравство, и пред ова имавме компресори кои се наши и кои ги ставивме во функција за да не трпат пациентите. Листи за чекање имаме, но имавме и претходно. Мислам дека голем дел од таа листа намаливме“, вели Трајановски.

Периодов, додава тој, вработените внатрешно се организираат за да не трпи работата.

„Треба да се испита целата компресорска станица која не е во наша надлежност. Кога ќе добиеме „пас“, тогаш би можеле да се вратиме во целосна функција и да бидат активни сите операциони сали. Моментално трпи притисок и КАРИЛ зошто и таму има 6 компресори, а 18 легла, а на може да се пополнат леглата што немаат компресор. Ние како клиника прифаќаме пациенти колку што можеме. Во понеделник ќе имаме на располагање уште една сала, зошто чекаме уште еден компресор“, додава тој.

Трајановски нагласува дека сепак, надворешните компресори се само преодно решение.

„Гледате колкав терет држи Клинички центар. Сепак, внатрешно се договараме, со цел да се намали притисокот кон другите болници. И во услови на преодни решенија, не можеме да седиме и да не оперираме“, потенцира тој.

За случајот со овој колапс на хируршките сали е известено и Јавното обвинителство. Јавен обвинител веќе извршил разговори со дел од директорите на клиниките, но сепак, надлежноста на обвинителството во случајов донекаде е ограничена.

„Јавното обвинителство сè уште утврдува дали има елементи на кривично дело во овој случај“, велат за Мета.мк од обвинителството.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева пред три дена донесе наредба универзитетските клиники кои се сместени во зградата на хируршки клиники во Клиничкиот центар, операционите сали да отпочнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух, како преодно решение. На следната владина седница, Манолева рече дека ќе достави информација и ќе побара од Владата да ја задолжи Службата за општи и заеднички работи да спроведе итна набавка на нова компресорска станица, бидејќи постојната е стара 30 години.

Никој досега, дури ни министерот во заминување Илир Демири не даде конкретни одговори која би можела да биде причината за ширењето на непријатната миризба од компресорите.

Мета.мк веќе пишуваше дека колапсот на Клинички ги оптовари останатите ЈЗУ. Така, во Градска болница, за една недела беа оперирани дури 150 итни случаи. Ако ситуацијата продолжи, директорот д-р Љубен Арсенков кажа дека ќе мора да се бара мигрирање на повеќе кадар. Тој додаде дека обемот на работа во интензивната нега и во оперативниот блок е енормно зголемен и тој персонал е на ивица на „burnout“ (прегореност).

 

Новинари: Антонија Поповска и Мери Јордановска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопштија од претседателскиот кабинет. На средбата било констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани...