На Доналд Трамп ќе му биде дозволено да се врати на Фејсбук и Инстаграм

Photo: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Компанијата „Мета“ вчера објави дека ќе му дозволи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се врати на Фејсбук и Инстаграм, две години по неговата првична суспензија, пренесуваат медиумите во САД.

Во својот блог „Мета“ рече дека ќе ги врати корисничките сметки на Трамп во текот на следните неколку недели. Доколку поранешниот претседател уште еднаш ги прекрши политиките за содржина на „Мета“, компанијата соопшти дека неговите сметки ќе бидат предмет на дополнителни суспензии.

„Врџ“ пишува дека претседателот за глобални прашања на „Мета“, Ник Клег, рекол дека јавноста треба да може да слуша што нивните политичари имаат да кажат.

„Како општо правило, не сакаме да попречуваме отворена, јавна и демократска дебата на платформите на Мета, особено во контекст да изборите во демократски општества како Соединетите држави. Јавноста треба да може да слушне што зборуваат политичарите, добро лошо и грдо, за да можат да направат информиран избор пред гласачките кутии“, стои во соопштението на „Мета“.

Трамп беше суспендиран на неопределено време од Фејсбук и Инстаграм по немирите од Капитол во јануари 2021 година. Во тоа време Марк Закерберг рече дека Трамп е суспендиран поради предизвикување насилство и пофалби за активностите на бунтовниците.

Но ноември минатата година беше вратена и корисничката сметка на Трамп на Твитер, откако компанијата ја купи Илон Маск.

Трамп допрва треба да се врати официјално на Твитер, а во моментов како основно средство за комуникација ја користи неговата лична платформа наречена „Truth Social“.