МЖСПП упатува порака за денот на планетата Земја – „Време е за партнерство за планетата!“

Фото: Министерство за животна средина

„Ова е моментот да се промени деловната клима, политичката клима и начините на кои преземаме активности и одговорности за климата. Сега е време за непоколеблива храброст во зачувувањето и заштитата на нашето здравје, нашите семејства, нашите средства за живот… заедно, мораме да инвестираме во нашата планета, затоа што зелената иднина е просперитетна иднина“, од Министерството за животна средина и просторно планирање го честитаат денешниот роденден на планетата Земја и повикуваат кон институциите, бизнис заедницата, граѓанските организации и движења и секој поединец да се обединат под слоганот „Сите ЗАЕДНО сега“ со цел заштита на единствениот заеднички дом.

Во пораката од МЖСПП по повод Светскиот ден на планетата Земја се истакнува дека не само денес туку секој ден треба да се дејствува (храбро), иновира (широко) и да се имплементира (правично).

„И додека уште има време да се реши климатската криза, време e да се избере просперитетна и одржлива иднина и време е да се обнови природата и да се изгради здрава планета за нашите деца и нивните деца. Треба да се вклучиме сите – секој да биде вклучен и секој да биде одговорен. Времето е кратко. Време е за ПАРТНЕРСТВО ЗА ПЛАНЕТАТА“, порачуваат оттаму.