МОН со кампања за ставање крај на училишното насилство

Министерството за образование апелира до сите граѓани, доколку забележат каков било облик на насилно однесување во училиштата, истиот да го пријават

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Да градиме мирна и хармонична училишна средина без какви било облици на насилство, да создадеме амбиент во кој младите ќе се фокусираат исклучиво на вистинските цели на воспитно-образовниот процес, на стекнувањето знаења и вредности кои ќе ги направат да бидат добри луѓе, а насилството воопшто нема да биде тема. Ова се пораките кои Министерството за образование и наука (МОН) ќе ги испрати до сите чинители на образовниот систем преку нова кампања за подигнување на свеста особено кај младите, за важноста на мирот, ненасилното и толерантно однесување во и надвор од училиштата, информираа од ова министерство.

Од таму се децидни дека е потребна средина во која ќе преовладува толеранцијата, младите ќе ги почитуваат меѓусебните разлики и нема да гледаат на нив како поводи за конфликти.

„Ќе се обидеме да допреме до сите, до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите, да укажеме дека важен е придонесот на секој од нас во остварувањето на целта. Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални“, велат од МОН.

Министерството за образование апелира до сите граѓани, доколку забележат каков било облик на насилно однесување во училиштата, истиот да го пријават на електронската адреса [email protected], односно на [email protected] или пак до стручните служби во училиштата, со цел навремено да се реагира и да се спречат посериозни инциденти и последици.