МОН: Неделава ќе има резултати од конкурсите за стипендии за магистерски и докторски студии

Постапката за разгледување на апликациите е при крај, велат од МОН за резултатите од конкурсите за стипендии што беа објавени уште во јануари

Photo by The Climate Reality Project on Unsplash

Конкурсите не се повлечени, туку како што беше наведено во истите, аплицирањето престанува во моментот кога ќе се пријават доволен број апликанти. Ова е одговорот од Министерството за образование и наука (МОН) на прашањето на Мета.мк за тоа која е причината поради која Министерството ги повлече од својата веб-страница конкурсите за стипендии за студенти на втор и трет циклус кои беа објавени во јануари.

Повеќе од четири месеци откако конкурсите беа објавени, резултати сè уште нема. Загрижени студенти кои аплицирале на овие конкурси се обратија до редакцијата на Мета.мк, поради сомнежи во „исчезнатите“ повици и необјавувањето на резултатите.

Студентите постојано се обраќале и до МОН и велат дека добивале информации оти наскоро ќе има резултати. Во овие конкурси се предвидени многу мал број стипендии – 50 за студентите на магистерски и 15 за студентите на докторски студии.

Висината на стипендиите за втор циклус изнесуваат 9.000 денари за девет месеци во годината, оние за трет циклус се во висина од 18.000 денари, а селектираните докторанди ќе ја добиваат во времетраење од 12 месеци.

Во соопштението за конкурсите пишуваше дека и двата конкурса ќе траат сè додека не се се исполни вкупниот број предвидени стипендии. Доколку се пријават поголем број на кандидати за стипендиите за магистерски и докторски студии, тогаш МОН ќе изврши рангирање врз основа на критериумите за пријавување.

„Конкурсите не се повлечени, туку како што и беше наведено во истите, аплицирањето престанува во моментот кога ќе се пријават доволен број апликанти. Постапката за разгледување на апликациите е при крај и во текот на следната недела резултатите ќе бидат објавени на нашата веб страна“, велат од МОН за Мета.мк во одговорот што пристигна во саботата.