Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за надворешни работи, според член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија, соопштија од МНР.

„На 14 мај 2021 година, во просториите на МНР беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“, стои во соопштението на МНР, без подетални објаснувања за причините за ваквата одлука.

На меѓународната политичка сцена, протерувањето на руски дипломати го започна Чешка кон средината на април годинава. Мистериозната експлозија во две чешки складишта за оружје во 2014 година во кој загинаа двајца чешки граѓани, беше причината чешките власти да побараат одговорност од двајца руски државјани за настанот од пред седум години. Исто така, чешкиот премиер Андреј Бабиш тогаш ја информираше јавноста дека земјата ќе протера 18 руски дипломати кои се идентификувани како членови на руските разузнавачки служби. Во знак на солидарност со Чешка поради шпионската афера, неколку земји-членки на ЕУ исто така протераа руски дипломати, на што со истата мерка одговори и официјална Москва.

Инаку, Русија вчера ги стави на „црна“ листа Чешка и САД, поради „непријателски“ активности против Москва, според изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Тој рекол дека нивните непријателски активности биле причина зошто Русија донела ваква одлука. Лавров побарал од двете земји да го намалат персоналот ангажиран во Русија, на руски државјани и на државјани на трети земји, на ниво еднакво на бројот на вработени во руските мисии во Чешка и САД, како и дека со нетрпение ги очекува официјалните разговори со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, за разјаснување на намерите на САД во врска со односите со Русија.

Европската Унија ги оцени за неосновани обвинувањата на Русија дека одредени земји се непријателски расположени кон неа и ја повика Москва да ја ревидира одлуката за ставање на Чешка и на САД на „црна“ листа. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ја повика Русија да ја ревидира одлуката за да се избегне натамошно влошување на односите. Борел нагласил дека ЕУ е во целосна солидарност со Чешка и  САД и ја повика Русија „да се придржува до Виенската конвенција“.