Фото: Martin Krchnacek on Unsplash

Мистериозната експлозија во две чешки складишта за оружје во 2014 година е причината за заладувањето на односите меѓу Чешка и Русија. Чешките власти тврдат дека бараат двајца руски државјани кои се директно одговорни за настанот од пред седум години, во кој загинаа двајца чешки граѓани. Државните власти од оваа земја на 17 април изнесоа информација, која повлекува директна линија помеѓу експлозиите и руската разузнавачка агенција ГРУ, јавува Гардијан.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш викендов ја информираше јавноста дека земјата ќе протера 18 руски дипломати кои се идентификувани како членови на руските разузнавачки служби, кои добија рок од 48 часа за да ја напуштат Чешката Република.

„Чешка е суверена држава и мора соодветно да реагира на овие откривања без преседан“, рече премиерот Бабиш.

Чешките официјални лица не објавија поврзаност помеѓу експлозиите и бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев, но чешкиот јавен радиодифузер и списанието „Респект“ цитираа неименувани безбедносни извори кои велат дека имало и негова инволвираност во настаните.

Русија по ваквиот потег на чешките власти остро одговори, протерувајќи 20 чешки дипломати, кои треба да ја напуштат Москва до денес вечер. Руските власти го обвинија Вашингтон дека стои позади потегот на Прага, пренесува Франс 24. 

Чешкиот министер за надворешни работи, Јан Хамачек изјави дека протерувањето на чешките дипломати од Москва е посилна реакција од очекуваната, дополнувајќи дека чешката влада ќе размисли за понатамошни чекори. Тој ги повика другите земји-членки на ЕУ на солидарност со Чешка, додавајќи дека официјална Прага протерала разузнавачи, додека Русија одговара со протерување на дипломати.