Мнозинство од граѓаните ги прифаќаат теориите на заговор и заблудите за корона вирусот

Фото: Michael Knoll from Pixabay

Дури 65 отсто од граѓаните во земјава сметаат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, потоа 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од ковид-19 се зголемувани, и дека се плаќало за да се пријавуваат луѓе дека починале од ковид.

До такви резултати дошло истражувањето „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“, спроведено од Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

На презентацијата, Миша Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“, изјави дека многу често граѓаните чувствуваат отуѓеност од политичките елити, а тоа многу добро се гледа по фактот дека граѓаните релативно лесно прифаќаат популистичка реторика, а и се поприлично склони да прифаќаат теории на заговор, коишто всушност на властите, на авторитетите им придаваат злобни намери и стремежи.

„Таа отуѓеност колку подолго трае овозможува влез на популистичка реторика и упатува на потребата на сеопфатна методологија на управување која што ќе ги вклучува граѓаните во процесот на носење одлуки низ структуриран процес на консултации. Теориите на заговор се интересна категорија затоа што се посреден индикатор на тоа колку се чувствуваат граѓаните отуѓени од општеството“, појасни Попповиќ.

Презентирајќи ги добиените резултати, тој појасни оти во истражувањето високи, 72 отсто од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето.

Дополнително, 46 отсто веруваат дека климата се контролира со сателити и радари, а 44 отсто од испитаниците одговориле оти мислат дека се запишани повеќе мртви од ковид-19 бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46 отсто дека од авиони се прска вирусот, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица и 57 отсто дека големите медиуми шират лаги.