Митровски: Старите хартиени записи на македонски јазик ги претворивме во дигитален материјал

Фото: Мета.мк

Околу 4,5 милиони оригинални хартиени примероци, со записи на македонски јазик што датираат од 14 и 15 век, неодамна Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ги доби во дигитална форма. Со овој сложен, долготраен и обемен процес, овозможено е трајно чување и заштита од оштетување и уништување. Проектот, поддржан од Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој, го реализираше архивскиот дата центар „Инбокс“. Мета ја посети оваа компанија која архивира и управува со физички и електронски документи, а Јорданчо Митровски, извршниот директор за финансии, во ова интервју зборува за процесот на дигитализација на картотеките со записи, стари со векови.

Јорданчо Митровски, Инбокс | Фото: Мета.мк

За прв пат картотеките со записи од Институтот за македонски јазик, државата ги има во дигитална форма. Што точно опфаќа овој проект?

На повик на Министерството за култура и Фондот за иновации, ние како компанија доставивме проект за дигитализација на картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Тоа опфаќаше конверзија на оригинален хартиен материјал, односно уникатни ливчиња, од конвенционална форма, во други две форми – едната е конвенционална форма во микрофилм, а другата во неконвенционален, дигитален формат. Процесот опфаќаше дигитализација на околу 4,5 милиони уникатни ливчиња, кои се чуваа на хартија. Материјалите се конвертирани од два аспекти, едниот е за презервација на самите материјали, а вториот е достапност до самите корисници на материјали. Конверзијата на микрофилм овозможува презервација на самите материјали, односно може да се чува на одделна локација и со соодветна обработка, има трајност и до 500 години.

Фото: Мета.мк

Објаснете ни го процесот на дигитализација на материјалите. Какви уреди користевте во процесот на обработка?

Користевме најсовремена технологија, и хардверска и софтверска, пред се` од производители како „Кодак аларис“ и „Аби“ софтвери. Постои законска регулатива за процесот за дигитализација и конверзија на хартиен во дигитален материјал. Тоа опфаќа соодветна обработка,  што вклучува внимание при работата со оригиналните примероци да не бидат уништени, потоа нивно конвертирање во дигитални слики и нивна дополнителна обработка на микрофилм, поради заштита на самиот материјал. Со тоа се создаваат дигитални примероци кои овозможуваат подобра пристапност до самата литература.

Зошто е важно овие материјали да постојат во дигитална форма?

Со тоа се обезбедува заштита на самиот материјал. Тој постои во друг формат, а со тоа има можност идните автори на трудови, академци, да пристапат до целиот материјал во дигитален формат. Со тоа, ќе се избегне манипулацијата на хартиените примероци, кои при користење може да се оштетат и уништат.

Фото: Мета.мк

Дали вака дигитализираните материјали се комплетно безбедни и заштитени од злоупотреби и уништување?

Дигиталните примероци што се создадени во „Инбокс“ се со вграден временски печат и жиг. Тие може да бидат копирани безброј пати согласно потребите на крајниот корисник, но не може да бидат менувани. По потреба, во иднина може да се направи копија од самите микрофилмови со посебна техника на пластика, а дигиталните материјали се направени за да нема во иднина процеси на барање на хартиени примероци, бидејќи тоа може да ги оштети. Од друга страна, секој обид за манипулација со дигиталните примероци, веднаш би бил препознат.