Министерството за животна средина набавува мониторинг станици за следење на квалитетот на воздухот во Прилеп и Берово

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Две нови мониторинг станици за следење на квалитетот на воздухот ќе се постават во Прилеп и Берово. Министерството за животна средина распиша јавна набавка со која бара да купи автоматска станица со вклучена обука со која ќе го надогради Државниот мониторинг систем за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Во овие градови досега не се мереше загадувањето на воздухот, а ова се првите мерни станици кои ќе бидат дел од државниот мониторинг и со кои граѓаните секојдневно ќе имаат увид во вредностите на осум потенцијални загадувачи на воздухот. Минатата година за прв пат почна да се мери и загадувањето во Гевгелија. Од Министерството велат дека годинава ќе се купат само овие две, а за другите градови средства ќе се одвојуваат од буџетите во следните години.

„За оваа година е планирана да се реализира набавка на две нови мониторинг станици, за што во буџетот на министерството се обезбедени средства во висина од 14, 4 милиони денари. Врз основа на оценката на квалитетот на воздухот и претходно изготвените студии за мониторинг на квалитетот на воздухот, станиците ќе се постават во Прилеп и Берово. За годинава не е планирана друга набавка на нови мониторинг станици“, посочуваат од министерството.

Според барањата во јавната набавка на министерството, секоја од мониторинг станиците мора да биде опремена со мерни инструменти за мерење на концентрациите на честичките ПМ 10 и 2,5, потоа за мерење на озон, азотен моноксид, диоксид и оксиди, сулфур диоксид и на јаглероден моноксид. Исто така во мониторинг станицата мора да има и системи за прибирање и обработка на податоците, за метеоролошка опрема, за калибрација и други.

Годинава продолжи и доопремувањето на веќе постоечките мониторинг станици во неколку градови. Се менуваат застарени и расипани инструменти, а и се додаваат и нови за мерење на повеќе полутанти. Од Министерството велат дека во моментот сите мониторинг станици се во функција. Досега заменети се 26 застарени апаратури, а во буџетот за годинава има 7,6 милиони денари за набавка на нови со кои ќе се заменат и останатите застарени инструменти во ДАМСКАВ. Нови инструменти ќе се купуваат и со половина милион евра од програмата ИПА 2. За овој проект подготвена е техничка спецификација на опремата и направена е маркет анализа, а се финализира и изработката на тендерското досие.

„Во рамките на проектот „Поддршка на Македонија во пристапувањето кон ЕУ во областа на животната средина 2019-2021“се изврши надградба на системот за управување со податоци AIRVIRО и се набавија инструменти за замена на дел од застарените делови со буџет од 333.000 евра. Сменети се четири инструменти за ПМ 10 во станиците во Ректорат, Миладиновци, Кочани и Струмица, осум инструменти за ПМ 2.5 во Ректорат, Миладиновци, Кочани, Струмица, Велес, Кавадарци, Кичево и Гостивар, исто толку инструменти за азотни оксиди во Ректорат, Миладиновци, Кочани, Струмица, Велес, Кавадарци, Кичево и Гостивар, два инструменти за озон се поставени во Миладиновци и Струмица и четири дата логери во Ректорат, Миладиновци, Кочани и Струмица“, информираат од Министерството.

Исто така, посочуваат, купени се и четири нисковолуменски уреди за земање на примероци од воздух и еден инструмент за одредување на составот на ПМ честичките со помош на нуклеарни методи.