Метаморфозис и НОВА заеднички ќе работат на подигање на нивото на медиумска писменост на учениците

Соработката ќе вклучува различни заеднички активности како серија предавања како вовед во новинарската работа, практични работилници со искусни и докажани новинари, како и објава на најдобрите ученички текстови во еден од медиумите на Метаморфозис

Новаковски и Јашари го потшишаа меморандумот за соработка. Фото: Мета.мк

Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“ и Меѓународните училишта НОВА започнуваат соработка со цел заеднички да ја унапредат медиумската писменост на учениците и да го подигнат нивото на свесност за улогата на дигиталните медиуми денес.

За таа цел, директорот на Меѓународните училишта НОВА, Иван Новаковски, и извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, потпишаа меморандум за соработка.

Соработката ќе вклучува различни заеднички активности преку кои ќе се издигне нивото на медиумска писменост, ќе се споделат знаења за препознавање на дезинформации, а учениците ќе бидат запознаени и со новинарската работа воопшто при што ќе се промовираат етичките вредности во медиумскиот простор.

Фото: Мета.мк

Метаморфозис веќе се вклучува во работата на НОВА преку одржување серија предавања и работилници. Тоа главно се однесува на вовед во новинарската професија, практични работилници со искусни и докажани новинари, објава на најдобрите ученички текстови на еден од медиумите на Метаморфозис, како и организација на посета на канцелариите на Метаморфозис и редакциите на трите медиуми, Мета.мк, Порталб.мк и Вистиномер.