Маск преку онлајн анкета прашува дали Трамп да се врати на Твитер, гласаат по еден милион профили на час

Фото: whitehouse.gov

Најбогатиот човек на светот, Илон Маск, кој неодамна ја купи една од најкористените социјални мрежи, Твитер, објави онлајн анкета на која бара корисниците на оваа мрежа сами да одлучат дали да го реактивира профилот на поранешниот претседател Доналд Трамп.

По шест часа откако ја објави анкетата, Маск напиша дека гласале по околу 1 милион Твитер профили на час.

Инаку, Твитер му забрани пристап на поранешниот американски претседател два дена по немирите во Капитол што се случија на 6 јануари 2021 година.

Компанијата тогаш објави соопштение во кое ја објаснува причината за забраната на поранешниот претседател по два особено „инфламаторни твита“, пишувајќи дека нивната содржина може да „мобилизира различна публика, вклучително и за поттикнување насилство“.

Содржината на твитовите на Трамп се однесуваше на изборите кои тој ги загуби од Џо Бајден, но оттогаш континуирано ја промовира теоријата на заговор дека всушност победил.

Околу една година подоцна, поранешниот претседател отвори своја контроверзна социјална мрежа наречена Трут Соушал (Truth Social) која во многу нешта наликува на твитер.

Откако милијардерот Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари, тој презема серија шокантни чекори кои предизвикаа егзодус на илјадници вработени. Дел од американските медиуми коментираат дека Маск со неговите бомбастични твитови всушност го пополнува празниот простор на мрежата по банирањето на Трамп. Како што вели Оливер Дарси во анализата за Си-Ен-Ен бизнис, Маск тоа го прави преку промоција на дезинформации, напади врз новински организации и желба да владее преку твитови.

Покрај Твитер, Трамп беше суспендиран и од Фејсбук и од Јутјуб.

Некои македонски корисници на социјалните мрежи уште пред околу една седмица споделуваа дезинформации дека Маск веќе го реактивирал профилот на претседателот Трамп.

По преземањето на Твитер, самиот Трамп изјави оти му било мило што Твитер сега бил во „здрави раце“, но дека нема да се врати на платформата.

Стотици вработени во Твитер дале отказ, компанијата ги затвори канцелариите