Марш за повисок стандард на Меѓународниот ден на студентите

Фото: Мета.мк (17.11.2022)

Повисок студентски стандард преку подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, зголемување на износот на оброкот и стипендиите и дигитализација на образованието, побараа студентите од државата додека маршираа од Владата кон Министерството за образование и наука. Овие барања се само „кајмак“ на ситуацијата во која се наоѓаат студентите денес, среде финансиска криза, додека под површината се наталожени и други проблеми кои го кочат напредокот и развојот на студентите во земјава, меѓу кои и корупцијата, нееднаквоста и нарушеното ментално здравје.

Минута молк и жолт картон за институциите

Марширајќи по повод 17 Ноември, Меѓународниот ден на студентите, младите упатија порака дека се тука да го кренат гласот за студентскиот стандард да не биде „под сите стандарди“.

Денешниот ден, 17 Ноември ја одбележува годишнината од нацистичкиот упад на Универзитетот во Прага во 1939 година, кога биле убиени оссумина студенти и еден професор, а над 1.200 студенти биле испратени во концентрациони логори, по што биле затворени сите чешки универзитети.

Студентите потсетија дека денес не живеат во 1939 година и иако тие и универзитетите не се нападнати од нацистите, сепак се соочуваат со финансиски потешкотии, лоши услови во студентските домови и студентски „глад“, алудирајќи на доцнењето на конкурсот и обидот на државата да воведе построги критериуми за субвенциониран оброк.

Студентскиот марш беше организиран од страна на универзитетските студентски собранија на државните и приватните универзитети, движењето „Студентски отпор“, а поддршка добија и од Форумот за образовни промени, но и од неколку средношколци.

„Бидете горди што сте денеска тука, покажавме обединетост, солидарност и заедништво. Студентскиот глас изминативе години беше замрен, но еве нè тука, се бориме нашиот глас да биде слушнат од институциите и јавноста“, рече во својот говор Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Темелковски соопшти дека по барање и иницијатива на УСС УКИМ денеска била одржана средба со директорите и претседателите на студентските домови, Клубот на млади пратеници и претставници од МОН, при што било констатирано дека МОН до среда ќе излезе со конкретен акциски план за решавање на круцијалните прашања за студентските домови.

Пред Министерството за образование и наука нешто помалку од 400 студенти одржаа минута молк за, како што рекоа, смртта на студентскиот стандард, а по говорите на студентските лидери оставија жолти картони пред зградата на МОН.

Преку транспарентите беа упатени пораките дека студентите се тука за студентските домови навистина да им се како дом, за студентскиот оброк навистина да ги прехрани и дека не треба да бидат 1.964 места назад, осврнувајќи се кон позицијата на УКИМ на ова место на ранг листата на Центарот за рангирање на светски универзитети.

Претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Агром Демири, порача дека овој ден е најважен ден за студентите во една демократска држава.

„Пред неколку дена постигнавме договор со претставници од владеачкото мнозинство и другите пратеници. Ние бевме победници и затоа денеска на Меѓународниот ден на студентите маршираме за овој ден да стане симбол секоја година, кога ние младите ќе бидеме гласни. Да бидеме заедно и еднакви како млади луѓе, бидејќи тоа го заслужуваме“, изјави за медиумите Демири.

Финансиската независност на врвот од студентските потреби

Отежнатата финансиска ситуација поради кризата по ковид-пандемијата и руската инвазија на Украина, оправдано се наоѓа на врвот на кулата од предизвици со кои се соочуваат студентите денес. Мерките за штедење и препораките според планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст што Владата ги донесе на својата 88-ма седница на почетокот од октомври, не ги одмина ниту студентите. Така, една од точките во овој документ која се однесува на рационализација на расходите во МОН, ги засега и студентскиот оброк и стипендиите, за кои министерот за образование и наука Јетон Шаќири уште тогаш најави редефинирање на системите и построги критериуми.

Доколку студентите не реагираа и  протестираа, а предлогот не беше повлечен, право на субвенциониран студентски оброк годинава ќе имаа значително помал број на студенти за разлика од 27-те илјади коишто добија средства минатата година.

Друг проблем се и нееднаквите стипендии, кои за едни студенти изнесуваат околу 6.000 денари, а за други речиси двојно помалку, само поради тоа што аплицирале во различни години.

Иако истекува и вториот месец од почетокот на академската година, исплатата на овие две финансиски мерки кои треба да придонесат кон скромниот студентски буџет не е ниту на повидок, поради тоа што сè уште не се објавени конкурсите. Од друга страна, инфлацијата и зголемените трошоци ги притискаат студентите.

Освен зголемените цени на прехрамбените производи, студентите се соочуваат и со поскапени автобуски билети за меѓуградски превоз. Поради зголемувањето на цените на горивата, повеќето автобуски превозници не само што ги покачија билетите, туку ги укинаа и попустите со кои студентските билети беа поевтини од редовните.

Високите цени на билетите за меѓуградски превоз се меѓу најтешките финансиски предизвици што ги посочија студентите во онлајн анкетата што Мета.мк ја спроведе на Инстаграм страницата „Студентарија“.

„Изминатава година превозниците престанаа да издаваат студентски билети и сега мораме да плаќаме како и редовните патници и тоа по драстично зголемени цени, иако некои од нас по неколку пати неделно патуваат од местото на живеење до градот каде што им се наоѓа факултетот, најчесто до Скопје“, вели студент од Куманово.

„Само во Скопје студентите имаат бесплатен градски превоз, а ние што сме во други градови на факултет? Што сме ние поразлични, освен што живееме во друг град, а не во главниот?“, пишува студентка.

Студентите од приватните универзитети, пак, реагираат дека се исклучени од многу мерки коишто им следуваат на студентите на државните универзитети. Така, овие студенти немаат право на бесплатен градски автобуски превоз во Скопје, а и квотите во конкурсите за стипендии од МОН за нив се далеку пониски од оние за нивните колеги од државните факултети.

Единствена мерка која не прави разлика меѓу студентите на државен и приватен факултет во моментов е субвенционираниот студентски оброк, кој може да го ужива секој студент во земјава што ги исполнува другите услови.

„Многу ќе смени доколку и студентите на приватен факултет имаат право на бесплатен јавен превоз во Скопје. Секој месец даваме над 1.000 денари, што за студентскиот буџет не се малку, особено за оние студенти кои се запишале на приватен факултет со помош на стипендија“, пишува студент.

Студентите демотивирани поради неправдите и корупцијата

Поради големиот број на проблеми со кои се соочуваат, а најмногу поради неповолната финансиска ситуација и доцнењето на државната помош, во кратката онлајн анкета студентите посочуваат дека имаат потреба од поголема ментална и емоционална поддршка.

Бесплатна психолошка помош во моментов нудат само Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и приватниот „Американ колеџ“ во Скопје, а од неодамна бесплатна психолошка служба најави и Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Понтаму, фрустрација кај студентите предизвикуваат и неправдите за кои велат дека им ги прават некои професори, а кои вклучуваат несериозен и несоодветен педагошки пристап, дискриминација и, во одредени случаи, коруптивни дејствија.

„За жал предничи политиката над науката, моралните вредности и рационалната мисла. Тука е и корупцијата. Вистинска борба е кај некои професори да се издигнеш со знаење, наспроти оние со ‘врски’“, вели еден студент.

„За голем број предмети немаме книги туку ‘сечени и лепени’ материјалчиња во кои никој не може да се снајде и каде во некои случаи нема никаква поврзаност. Материјалите, исто така, не се ажурирани повеќе од две децении“, пишува друг студент.

Според одговорите на анонимната анкета, студентите се соочуваат и со стравот „што по дипломирањето“. За голем дел од нив вистински предизвик е да останат во сопствената држава, кога заминувањето од неа им нуди подобар живот и просперитет. Вратите кон светот се отворени и не е тешко да се поминат, а домашните институции и компании не прават доволно за да ги задржат младите.

Дел од дипломираните студенти реагираат дека не можат да најдат работа затоа што никаде не е предвидено работно место во кое се бара звањето со кое тие се стекнале по дипломирањето.

„Најголем предизвик ми е што го давам мојот максимум во областа којашто ме интересира и со љубов ја изучувам, притоа имајќи предвид дека постои голема шанса мојот труд да не биде ценет во нашата држава и да бидам приморана среќата да ја барам надвор од нејзините граници иако не сакам да дојде до тоа“, пишува студентка.

„Очекувам дека ќе имам две опции – обичен работник во продавница или фабрика овде или подобар живот надвор“, вели студент.

Недоволно вложување во науката

Студентите реагираат и дека недоволно се вложува во науката, а Темелковски во интервју за Мета.мк претходно најави дека ќе бараат од државата да одвои повисоки средства за образованието, науката и истражувањата.

Иако државниот Буџет секоја година се зголемува, оваа година за наука биле предвидени дури 42 отсто помалку пари во споредба со 2014 година, додека за следната 2023 година се предлагаат дури 66 отсто помалку, пишува Радио МОФ.

Со Предлог буџетот кој го изгласа Владата, буџетот за наука предвиден за следната година изнесува 268 милиони денари и е најнизок во последнава деценија.

По бурните реакции во јавноста изминативе денови, властите најавија изнаоѓање на решенија за најитните потреби и проблеми на студентите.

МОН: Ќе интервенираме во студентските домови почнувајќи од онаму каде што е најитно

Студентите и државата постигнаа договор околу субвенционираниот оброк