fbpx

Марјан Стаменковски од „Доказ“ не чувствува вина, адвокатот очекува ослободителна пресуда

На денешното судење против сопственикот на веб-порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, сведочеа двете новинарки од „Фокус“, Валентина Вурмо и Ирена Мулачка, а судењето се одвиваше зад затворени врати

-

На денешното судење против сопственикот на веб-порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, сведочеа двете новинарки од „Фокус“, Валентина Вурмо и Ирена Мулачка, а судењето се одвиваше зад затворени врати, без можност да присуствуваат новинарите, со цел да се заштити приватноста на жртвите.

Текстовите кои беа објавувани на „Доказ“ содржеа обвинувања и навреди за двете новинарки, кои подоцна го пријавија Стаменковски за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Сето ова, како што стои во обвинението, било направено со цел да ги заплаши, за тие да не објавуваат текстови во медиумот каде што работат.

Коста Најков, адвокат на Стаменковски изјави дека неговиот клиент не признал вина и смета дека не е виновен и дека во случајов станува збор за вербален деликт, а не и за кривична одговорност.

„Ќе се изведуваат докази, какви и што не можам да ви кажам. А пресудата ќе биде јавна. Нашите очекувања се дека на крајот ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без разлика на она што го пишувал Марјан или дали тоа некому му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или нема“, вели Најков.

Освен за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, на Стаменковски му се суди и за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци. Во случајот има шестмина оштетени – двете новинарки, двајца свештеници од МПЦ, една телевизија и лице кое пријавило дека Стаменковски го уценувал дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари.

Против Стаменковски има и втор предмет во обвинителството, но неговиот адвокат денеска рече дека нема никакви информации за тоа.

Во вторникот, првото рочиште против Стаменковски беше одложено, откако неговата одбрана побара да се изземе скопското обвинителство од постапување по предметот. Ова барање не беше усвоено.

По наредба на ОЈО Скопје, на 9 февруари годинава полициски службеници извршија претрес во домот на Стаменковски во скопската населба Влае. Беа одземени документи, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, а беа најдени и пари во кеш од 90.000 евра.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал.

На Стаменковски му беше одреден притвор, а обвинителството брзо по неговото притворање, поднесе обвинение.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...