Маричиќ на средба со младите дипломати од Германија: Ако работиме заедно, можеме само да победиме

Фото: Секретаријат за европски прашања

„Дипломатите имаат посебна одговорност кога станува збор за зајакнување на довербата и дијалогот, како и должност да работат на воспоставување нов механизам за комуникација меѓу државите и народите, во согласност со новите глобални околности. Ако работиме заедно, не можеме да изгубиме, можеме само да победиме“, рече заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој вчера имаше средба со идните дипломати од Сојузна Република Германија.

Младите дипломати, идните амбасадори, министри за надворешни работи, млади лидери од Германија во моментов се наоѓаат во нашава држава каде ја реализираат својата обука. На средбата, вицепремиерот Маричиќ посочи дека во време на големи политички турбуленции и промени во меѓународните односи, потребно е младите да се запознаат со случувањата околу себе, со политичките предизвици со кои се соочуваат земјите и накратко се осврна на текот на евроатлантската интеграција на земјава.

Како вистински пример за дипломатија, тој го посочи Договорот од Преспа изработен со добра политичка волја и примена на европски вредности, со што може да се реши секој спор, секое прашање, а билатералните односи да се зајакнат во насока на пријателство и соработка.

Маричиќ на младите и идни дипломати кои ќе имаат шанса да придонесат за градење подобар свет за сите луѓе и сите народи, им посака добар престој во Скопје, успешна обука и успешна дипломатска кариера по завршувањето на обуката.