Голем дел од малите хидроцентрали се изградени во најатрактивните речни долини, кои што извираат од исклучително високи планински венци, заштитени и значајни подрачја од највисоко значење и со тоа неповолно влијаат на геоморфологијата на пределите и загубата на шумите во Северна Македонија. Овие уникатни предели трајно губат од своето значење и нема да се сметаат како импознатни речни долини. Енергетските објекти оставаат и голем отпечаток и во шумите, во кои по нивната изградба осамнуваат голини и обезшумени коридори.
Ова се дел од заклучоците на најновата анализа за влијанието на изградбата на малите хидроелектрани која ја изработија Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“ и професорите на Институтот за географија, Иван Радевски и Свемир Горин.
Примерите на Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф, Скопска Црна Гора и други планини се меѓу најзначајните каде се забележуваат загрозувања на релјефот. Тие се дел од релјефниот мозаик на Македонија, што е поразновиден од многу земји со површина и до 20 пати поголема од нашата, но лесно оставен на уништување заради градежни зафати. Последиците од изградените објекти, се вели во документот, не се само сегашни, туку и идни, за што се потребни дополнителни анализи на промените на транспортот на наносот во реките, вештачки формираните кратки бифуркации, намалување на протекот во старото речно корито и проблемите со популацијата на рибите.
„Од анализата заклучуваме дека со ваквите објекти во голема мера не само што е загрозен геодиверзитетот, туку и дека речните долини се трајно променети, вели професорот Иван Радевски, од Институтот за географија.
Според професорот Радевски, засегнатите речни долини во иднина ќе имаат помало значење во геодиверзитетна смисла, односно целосно или делумно ќе го изгубат значењето како геодиверзитетни објекти или импозантни речни долини.
Формирани се и поголеми обезшумени коридори по должината на цевоводите од хидроелектраните, со што е променет пределскиот лик на просторот и се фрагментирани екосистемите.
Во документот анализирани се 68 мали хидроцентрали, во сите делови од земјава, а објектите „Брајчино 1“ на Баба Планина и „Конска“ на Кожув се оценети како најризични во поглед на уништувањето на шумите и на пределот. Првата загрозува високо квалитетни шуми по целиот цевковод, а загрозен е глацијален и флувијален релјеф, Валовски јазик по долината на Брајчинска Река во нејзиниот најатрактивен дел, додека втората ја загрозува клисурата, речното корито и долинското дно на Конска Река, која што претставува еден од геоморфолошки најзначајните долини на планината Кожув.
Меѓу најспорните локации имаат и малите хидроцентрали „Бањани“ на Скопска Црна Гора, каде цевоводот поминува низ една од најквалитетните шуми на планината, „Крапска“ на Даутица, каде е загрозен карстен и флувијален релјеф преку целосно карстифицираната десна долинска страна, потоа „Белица“ на Јабланица и „Песочан“ на Караорман, каде по целиот потег е загрозена висококвалитетна шума во сливот на Песочанска Река. На Шар Планина, пак, на несоодветни локации, кои загрозуваат големи површини висококвалитетни шуми се издвоени дури четири мали хидроцентрали, „Габровска 103“ и „104“, „Бистрица“ и „Пена“.
Еден од заклучоците на оваа анализа, според Ана Чоловиќ- Лешоска од „Еко-свест“, е потребата од постојан мониторинг и посеопфатни анализи за влијанијата врз биодиверзитетот и геодиверзитетот на хидроцентралите. И други независни анализи, посочува таа, направени за влијанијата на малите хидроцентрали во државата досега покажаа дека кај нас не постои соодветна законска рамка и постапка која ќе го ограничи и елиминира ова штетно влијание, па така проектите продолжуваат да се градат во највредните подрачја без контрола и санкција.
„Повикуваме на посериозен и систематски пристап на надлежните институции за заштитата на нашите реки. Доколку не успееме да го заштитиме најшето највредно- чистата вода и недопрената природа, многу брзо ќе се соочиме со последици по нашето здравје и добросостојба. Затоа, повикуваме на што побрзо донесување на строга регулатива и нејзино доследно спроведување“, вели Чоловиќ- Лешоска.