Лисиче е најопасно место за живеење во Скопје според загадувањето на воздухот [инфографик]

Фото: Мета.мк 22 октомври 2021

Нивото на загадување на воздухот во Скопје во текот на октомври и ноември годинава било помало во споредба со истиот период од 2020 година. Кај ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките актуелната есен се забележува тренд на нивно намалување, додека јаглерод моноксидот и азотниот двооксид се во рамките на дозволените вредности. Опсегот на мерење на квалитетот на воздухот во Скопје е зголемен, па така мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање собираат податоци за ПМ 2.5 честичките и од мерните станици во Гази Баба, Лисиче и Ректорат.

Сепак, поголемиот број на мерни станици низ Скопје покажува огромни разлики кај опасните концентрации во воздухот на ПМ 2.5 честички. Максимално дозволена концентрација на овие честички во воздухот е 25 микрограми на кубен метар, а токму тие се најопасни за човековото здравје. Нивното мерење на пет различни локации низ Скопје покажува дека сепак во Центар и Карпош има најмала концентрација на ПМ 2.5 честички, додека Лисиче е убедливо најопасната локација за граѓаните во однос на ваквото загадување.

Во текот на октомври 2021 година, на мерната станица во Центар во текот на 9 дена се надминати максималните концентрации на ПМ 2.5 честички, додека во Карпош вакво опасно загадување имало само 2 дена во текот на октомври. За разлика од нив, мерната станица во Лисиче забележала дури 21 ден од октомври со надминати гранични вредности од 25 микрограми на кубен метар. Исто така, кај Ректорат се забележани 17 дена со надминати максимални концентрации, додека во Гази Баба во 15 дена од октомври имало надминати вредности во текот на 24 часа од овие штетни честички по здравјето.

Еден месец подоцна, во ноември 2021 на мерната станица во Центар во текот на 13 дена се регистрирани надминати максимални концентрации на ПМ 2.5 честички во воздухот, додека во Карпош вакви надминувања се забележани само во текот на 2 дена од целиот месец. Наспроти ова, мерната станица Лисиче бележи дури 29 од вкупно 30 дена со надминати гранични вредности на ПМ 2.5 честички, кај Ректорат ваквото надминување е регистрирано 26 дена во месецот, додека во Гази Баба 22 дена во текот на ноември.

Овие драстични разлики на нивото на загадување со ПМ 2.5 честички на различни локации во Скопје не може да се спореди со минатите години, бидејќи тогаш функционирале локациите за мерење на овие штетни материи единствено во Центар и Карпош.

На овие две локации, годинава во октомври и ноември се забележани многу помалку денови со надминати максимални концентрации на ПМ 2.5 честички. Па така, лани во октомври во Центар имало 26 дена со надминати гранични вредности, додека годинава 9 дена. Во Карпош во октомври 2020 година имало 25 дена со надминување на опасната граница на ПМ 2.5, додека годинава само 2 дена од октомври е преминат прагот. Речиси идентични податоци за овие две локации се добиени и за ноември.

Дека има подобрување годинава, покажуваат и среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички во Центар и Карпош. Просекот на ПМ 2.5 честички за октомври 2021 година во Центар бил 22,1 микрограми на метар кубен, додека во идентичниот период лани просекот за цел месец изнесувал 26,3 микрограми на метар кубен.

Во Карпош, среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички во воздухот во октомври 2021 година изнесувале 11,6 микрограни на метар кубен, додека лани истиот месец биле 23,1 микрограми на метар кубен.

За месец ноември 2021 година, среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички на мерната станица во Центар изнесувале 26,5 микрограми на метар кубен, додека во ноември 2020 година оваа вредност била дури 57 микрограми на метар кубен.

Мерната станица во Карпош, според месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање, во ноември 2021 година покажува просек од 15,4 микрограми на метар кубен, додека лани истиот период среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички биле 52 микрограми на метар кубен.

Во однос на ПМ 10 честичките во скопскиот воздух, актуелната есен е забележано помало ниво на загадување во споредба со лани. Во текот на ноември 2021 година, на сите мерни станици се забележани намален број на денови во кои е надмината среднодневната концентрација на суспендирани ПМ 10 честички во воздухот. Мерната станица во Лисиче бележи најголем број – 20 денови од ноември 2021 година во која воздухот бил загаден над максимално дозволената концентрација од 50 микрограми на метар кубен.

И во октомври 2021 година, на четири од петте мерни станици во Скопје е забележан намален број на денови во кои се надминати дозволените гранични вредности на ПМ 10 честички во воздухот. И во октомври 2021 година, најмногу “опасни” денови имало кај мерната станица во Лисиче – вкупно 11, додека кај Ректорат само 2 дена од октомври биле надминати дозволените гранични вредности на ПМ-10 честички во воздухот.

Податоците ги споредивме и во делот на среднодневните концентрации на ПМ 10 честички во воздухот на мерната станица Лисиче, која е најзагрижувачката точка на загаден воздух во Скопје. Во ноември 2020 година, среднодневните концентрации на ПМ 10 честички биле 126,9 микрограми на метар кубен, додека во текот на ноември годинава просекот бил 66,2 микрограми на метар кубен.

Во однос на октомври 2020 година, просекот на ПМ 10 честички на мерната станица Лисиче бил 50,6 микрограми на метар кубен, додека среднодневните концентрации во октомври годинава изнесувале 34,6 микрограми на метар кубен.

Податоците за останатите штетни материи во скопскиот воздух годинава и лани се наоѓале речиси секогаш во рамките на максимално дозволените граници. Ова се однесува на сулфур двооксидот, азот двооксидот и јаглерод моноксидот, кои биле присутни на мерните станици во главниот град. Исклучок е мерната станица Лисиче во поглед на јаглерод моноксидот, каде лани во октомври и ноември 14 пати била надмината дозволената вредност во рамките на 8-часовната гранична вредност на оваа опасна материја во воздухот.

Во однос на азот двооксидот годинава биле надминати дозволените едночасовни вредности во текот на 4 дена од ноември и октомври на мерната станица кај Ректорат. Лани пак, концентрациите на NO2 во воздухот во текот на 1 час од денот биле надминати само по еднаш во месецот во октомври и ноември на мерната станица во Лисиче.

Доколку се погледнат збирно податоците за квалитетот на воздухот во Скопје, може да се заклучи дека мерната станица Лисиче покажува најзагрижувачки податоци за аерозагадувањето кои се штетни по човечкото здравје на жителите кои живеат, работат или често се движат околу оваа локација во главниот град.