Лажните тврдења дека вакцините против ковид-19 се штетни за бремените жени и нивните бебиња не се нови и тие се провлекуваат за време на целата пандемија на коронавирусот, заедно со другите теории на заговор поврзани со вирусот и вакцините. Научните и медицинските факти покажуваат дека вакцинацијата е единствената опција со која може да се минимизираат здравствените ризици, особено кај трудниците. Вистиномер досега во неколку наврати има пишувано дека ковид-вакцините се безбедни за трудниците и за бебињата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук кој споделува фотографија од изјава на лекарка која вели дека бремените жени треба да се вакцинираат против ковид, со цел да се заштитат себе и своето бебе од компликации, неосновано тврди дека ковид-вакцините можат да усмртат бебе во утробата на мајката, доколку трудницата се вакцинира.
Ненормални ‼️
Уште во утробата на мајките, сакаат да им ги убијат бебињата ‼️, стои во објавата што ја анализираме.
Ваквото тврдење нема допирна точка со реалноста и со фактите. Вакцините против ковид не се штетни ниту за бремените жени, ниту за нивниот плод.
Лажните тврдења дека вакцините против ковид-19 се штетни за бремените жени и нивните бебиња не се нови и тие се провлекуваат за време на целата пандемија на коронавирусот, заедно со другите теории на заговор поврзани со вирусот и со вакцините. Научните и медицинските факти покажуваат дека вакцинацијата е единствената опција со која може да се минимизираат здравствените ризици, особено кај трудниците. Вистиномер досега во неколку наврати има пишувано дека ковид-вакцините се безбедни за трудниците и за бебињата.
Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје (ГАК), Комитетот за безбедно мајчинство на РСМ и Здружението на перинатолози на РСМ издаде препораки во врска со вакцинацијата против ковид-19 за време на бременост. Овие препораки кои Вистиномер ги има објавено, се базирани врз студии од светски релевантни медицински институти што се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија на женската популација.
Според овие препораки, вакцинацијата против ковид-19 се препорачува во бременоста, исто како и кај останатиот дел од популацијата. Вакцинацијата е најдобар начин на заштита од штетните ефекти на ковид-19 во бременоста, како за мајката така и за нејзиното бебе, вклучувајќи го предвременото породување и престојот во одделението за интензивна нега на новороденчето.
Придобивка од вакцинацијата против ковид-19 во бременоста, според овие препораки, е намалување на ризикот од тешка форма на болест кај мајката, намалување на ризикот од спонтан абортус и предвремено породување, како и намалување на ризикот од трансмисија на вирусот кај членовите од семејството и околината.
Најновите студии покажуваат дека заштитните антитела кои се придобивка од вакцинацијата ја поминуваат постелката и овозможуваат создавање на имунитет на плодот против ковид-19 наспроти штетните ефекти кои болеста ги има кај трудниците особено во третиот триместар, што е уште една добра причина да препорачаме вакцинација против ковид-19 во бременоста, се вели во писмените препораки на македонските гинеколози.
Оттаму додаваат дека во врска со можните штетни ефекти од вакцинацијата, не се најдени податоци за штетни состојки во вакцината кои можат да ѝ наштетат на трудницата и на развојот на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат акутна ковид инфекција.
Несаканите ефекти од вакцинацијата против ковид-19 во бременоста се благи, не траат долго и се слични со оние како кај останатото вакцинирано население. Тука се вклучуваат појавата на болка и осетливост во пределот на раката, главоболка, замор, некогаш симптоми слични на грип или покачена температура, во кои случаи препорачуваме одмор, внес на течности и „парацетамол“ кој е безбеден во бременоста, додаваат оттаму.
И Комисијата за заштита на населението од заразни болести препорача бремените жени да се вакцинираат и да се вратат на работните места. Исто, и Институтот за јавно здравје на својата веб страница официјално препорача да се вакцинираат бремените жени.
Податоците од системите за следење на безбедност не откриваат никакви сомнежи во однос на жени кои примиле mRNA вакцина против ковид-19 доцна во бременоста или сомнежи во однос на здравјето на нивните бебиња.
Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против mRNA ковид-19 непоосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).
Во врска со штетните ефекти од вакцинацијата сакаме да потенцираме дека досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да ѝ наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат ковид-19 акутни инфекции, пишува во препораката на Институтот за јавно здравје.
Во интервју за Порталб.мк гинекологот Пајтим Асани објаснува зошто е важно трудниците што поскоро да се вакцинираат против ковид-19.
Вакцинирањето против ковид-19 е исклучително важно за нашето здравје бидејќи стапката на морбидитет и морталитет е голема посебно кај бремените жени, и за мајката и за фетусот, за разлика од другата популација. Компликациите кои им се закануваат на трудниците како последица од Ковид-19 се: пневмонија, нарушување на работата на срцето, тромбоемболични компликации, акутна бубрежна инсуфициенција, невролошка болест, заболување на црниот дроб и дигестивниот систем. Затоа, вакцинацијата е единствениот и најдобар начин, посебно за трудниците, за минимизирање или превенција на горенаведените компликации, објаснува Асани.
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинација на бремените жени, но секогаш во консултација со матичниот гинеколог.
Да, бремените жени можат да се вакцинираат против Ковид-19, во консултација со нивниот лекар. Во моментов податоците кои овозможуваат оценување на безбедноста на вакцините против Ковид-19 во бременоста се доста ограничени. Но, врз основа на она што го знаеме за вакцините кои се употребуваат, нема конкретна причина за загриженост. Ниту една од досега одобрените вакцини против Ковид-19 не користи живи вируси, кои имаат поголема веројатност да претставуваат ризици за време на бременоста. Придобивките може да бидат поголеми за бремените жени кои се по загрозени од Ковид-19, како што се здравствените работници, луѓето кои живеат во области со висока трансмисија и оние со здравствени состојби како висок крвен притисок (хипертензија) и дијабетес кои го зголемуваат ризикот од тешка слика на болеста, велат од СЗО.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит.